Учебниците за прво, второ, четврто и петто одделение ќе бидат готови пред второто полугодие, уверува министерот за образование и наука Јетон Шаќири. Денеска, на почетокот на новата учебна година, тој не одговори дали чувствува одговорност што дел од учениците ќе учат од работни материјали. Шаќири реагираше дека е тенденциозно тоа што новинарите го прашуваат зошто прашањето со учебниците не е решено пред почетокот на учебната 2022/2023.
-Кога се поставува прашање треба да се знае одговорот. Сѐ уште не е завршена постапката за економскиот оператор. Има правни постапки и тоа не е завршено. До учениците се доставени учебници и материјали. Учениците во најдобар рок ги имаат добиено учебниците за шесто, седмо, осмо и деветто одделение. За прво, второ, четврто и петто одделение, јавноста бараше да се вратат печатените учебници. Постапките во МОН се максимално запазени – изјави денеска Шаќири.
Тој рече дека во февруари бил формиран Национален совет за учебници кој објавил повик за анонимни автори за учебниците.
-Некои од учебниците од Националниот совет веќе се одобрени и има завршено постапката. Потоа имаме и постапка за економскиот оператор која сѐ уште не е завршена. Што се однесува до подготвителните материјали – за децата да немаат товар во фамилијарниот буџет за првпат се подготвени дополнителни материјали според учебниците програми и тие се доставени, во некои ќе се достават во следните денови. За да немаат децата недостаток во воспитно образовниот процес ние имаме побарано од Бирото да ни подготви подготвителни материјали кои се подготвени навремено. Подготвителните материјали се за првото тримесечје, но во тој период истовремено ќе пристигнуваат учебниците, заедно со авторите ќе го продолжиме и концептот на дигитализација – додаде ресорниот министер.
Тој не одговори конкретно дали може да гарантира дека учениците ќе се стекнат со знаење учејќи од вакви работни материјали, но потенцираше дека тие се подготвени според учебната програма.
„Ние имаме Закон за учебници , имаме и педагошка служба која ги спроведува постапките за учебниците. Од февруари досега членовите работеа макотрпно бидејќи имавме повик за анонимни автори, па авторите доставуваа ракописи, па комисијата правеше проценка. Сите административни процедури се запазени, а и јас од јануари почнав на оваа позиција. Сите најбрзи рокови се спроведени. Материјалите се подготвени и има за нив позитивно мислење од експертите во Бирото за образование. Учебниците ќе ги добијат порано од второто полугодие“, посочи Шаќири.
(В. Ми)
Фото: МИА