Министерот за здравство, Беким Сали не го оправдува протестот на матичните лекари кои најавија дека од понеделник до среда идната недела нема да издаваат рецепти и упати. Тој денеска изјави дека треба да се направат реформи во примарната здравствена заштита, но не и подебелиот крај да го извлечат пациентите.
„Уште од самиот почеток кога пристапив на функцијата, првите состаноци ми беа со матичните лекари. Ги сметам како еден многу важен столб во здравствениот систем и комуникацијата со нив е постојана. Ние со нив се среќаваме на различни теми, како што е ковидот па и другите проблеми со кои се соочуваме. Една од темите е реформата во примарната здравствена заштита. Искрено, не сфаќам зошто подебелиот крај од тие реформи треба да го има пациентот. Не го оправдувам начинот на кој се испраќаат пораките до здравствените институции односно Министерството или во овој случај во пакет Министерството и Фондот за здравство“, изјави Сали денеска одговарајќи на новинарско прашање дали седнал на маса со лекарите кои се незадоволни.
Според него, сите промени треба да се направат во работни групи, а не преку бојкотирање на работата.
„Не го поддржувам овој начин на протест, незадоволството треба да се искаже на маса со конкретни предлози кои ќе бидат разгледани и дискутирани. Не можеме да направиме промена во систем во период од месец или два. Изминатиот период повеќе пати дискутиравме и повеќе точки се предложени до Влада, дадени се насоки и тоа се процедури. Исто како што имавме забелешки за јавните набавки, така имаме и за измените кои треба да се направат во систем за справување со примарната здравствена заштита“, изјави ресорниот министер.
Тој се пожали дека за реформите е потребно време и дека лекарите немаат слух за тоа.
„Ќе продолжиме со нашата интензивна работа за промените коишто треба да ги направиме во примарната здравствена заштита, а моите колеги ќе продолжат за жал, со бојкотирање на работа. Пациентите се тие кои трпат“, смета Сали.
Главното барање на матичните лекари и понатаму останува зголемувањето на капитационот бод, нешто што тие го побараа од надлежните уште во февруари. Одговарајќи на новинарско прашање дали шест месеци не беа доволни за да се направат барем некакви исчекори напред, Сали рече дека не може да се бргу да се реагира од причина што има многу институционални процедури кои треба да се испочитуваат.
„Да бидеме реални, матичните лекари бараат упатот да биде електронски, а не печатен. Ние се согласуваме, но од збор до реализација ние како систем треба да овозможиме и хардвер и софтвер, и една таква јавна набавка бара време за набавување на една таква опрема. Лесно е да се каже, меѓутоа реализацијата шест месеци во процедури не е ништо. Да не дискутираме дали е тоа оправдано и колку ќе биде оправдано, патоказот на движење на пациентите, ја анализираме покриеноста на државата со примарна здравствена заштита односно овозможување на примарна здравствена заштита за сите граѓани на државата. Тоа е дел којшто ние го анализираме, матичните не ни го нудат како решение. Тие бараат повеќе капитација и тоа е тоа“, истакна министерот за здравство.
Прашан дали има доволно пари за зголемување на капитацијата, тој изјави дека ако е оправдано, секогаш има пари.
„Треба да се оправда, да се анализира убаво дали секој жител на државата добива здравствена заштита во местото каде што живее. Сликата е многу поголема од она што го покажуваат лекарите во јавноста. Имаме предизвик со младите лекари кои не сакаат да бидат дел од примарнто ниво и тој проблем го третираме“, истакна Сали.
Тој додаде дека предизвик е и и стареењето на здравствениот кадар и дополни дека здравствените власти прават анализа и за таквото прашање за да се види како би им се овозможила заштита на граѓаните кога лекарите заминуваат во пензија.
„Има повеќе точки кои ги предадовме на Влада и се пренесени до институции кои работат на тоа“, заклучи Сали.
Матичните лекари во меѓувреме најавија дека на 5, 6 и 7 септември нема да издаваат упати, ниту пак ќе препишуваат рецепти. Ова следува по нивниот револт од неиполнувањето на барањата кои ги адресираа до надлежните уште во февруари. Лекарите ги повикаа граѓаните да се упатат во нивните ординации за рецепти за хроничната терапија во деновите пред протестот, бидејќи иако ќе бидат на своите работни места, тие нема да издаваат рецепти.
(В. Ми)