Комисијата за стручен надзор која го истражува случајот за младиот Јован од Берово кој почина по интервенција на заб, е составена од стручни луѓе кои цел животот ја работат таа проблематика и јас апсолутно имам доверба во нив. Ова го изјави денеска министерот за здравство, Беким Сали откако новинарите го прашаа колку члена брои комисијата и зошто јавно не се кажуваат нивните имиња за да се знае кој ќе прави ревизија на случајот.
Сали потенцираше дека очекувањата на јавноста се една работа, а стручниот надзор е друга.
„Професионалниот дел ние не можеме да го дискутираме за луѓе кои цел живот ја работат таа проблематика. Комисијата е формирана, чекаат финален извештај од ДСЗИ којшто ќе стигне до Министерството, а потоа ќе заседава врз основа на целата процедура за да се види дали таа е запазена од аспект на движење на пациентот и какви процедури се применети кај него“, изјави Сали.
Иако ваквиот извештај од Државниот санитарен и здравствен инспекторат беше испратен до медиумите уште вчера, според министерот, тој сè уште не е пристигнат во Министерството.
Одговарајќи на прашањето дали се готови анализите од хемокултурата, кои треба да дадат одговор на прашањето која бактериска инфекција всушност довела до ваквата ситуација, тој нагласи дека се работи за целосна слика за која не може делумно да се даваат одговори.
„Како целосен случај ќе го докомплетираме со извештајот од ДСЗИ и стручната комисија и потоа ќе излеземе во јавноста и ќе кажеме што точно се случило“, рече Сали.
Со оглед на тоа дека и самиот е стоматолог по професија, тој искоментира дека нашите пациенти често знаат подоцна да се јават во здравствените установи, кога често пати, како што рече, и нема веќе што да се направи повеќе од тоа што е направено.
„Во конкретниот случај ќе дозволиме стручните лица тоа да го кажат“, додаде ресорниот министер.
(В. Ми)
Како е лечен Јован од Берово? ДСЗИ даде извештај од инспекцискиот надзор