Ќе доцнат учебниците за прво, второ, четврто и петто одделение – Настава без антиковид мерки – ММС
ММС

Објавено на: 08/30/22 11:41 AM

Ќе доцнат учебниците за прво, второ, четврто и петто одделение – Настава без антиковид мерки

Наставата од новата учебна 2022/2023 година ќе се реализира во отворени училишта и без антиковид-протоколи и обврска за носење заштитни маски.

-Засега не се предвидуваат никакви дополнителни превентивни мерки, освен оние што се актуелни и во сила – за болниците, јавниот превоз, аптеките и за домовите за стари лица. Конкретно за училиштата, засега нема, изјави за МИА д-р Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести.

Учебната година задутре ќе почне за околу 255 илјади основци и средношколци. За учениците од второ и од петто одделение има нови наставни програми според Концепцијата за основно образование која од лани се спроведува етапно.

За овие ученици, како и за тие од прво и четврто, учебниците ќе доцнат поради измената на наставните програми кои се во различни фази на одобрување.

Министерството за образование наука соопшти дека за да се задржи континуитетот, заедно со Бирото за развој на образованието има подготвено соодветни наставни материјали за овие ученици од кои ќе учат на почетокот на учебната година.

За останатите одделенија, за кои важат старите наставни програми, како и за средното образование, учебниците ќе бидат навреме доставени. Учебниците од четврто и погорните одделенија освен во печатен, ќе бидат достапни и во дигитален формат на порталот e-ucebnici.mon.gov.mk.