При сценски настап во Феникс, Аризона, САД, во неделата вечер, комичарот Крис Рок откри дека од него било побарано да биде домаќин и на следните „Оскари“, но дека тој тоа го одбил, откако пред пет месеци на последното доделување на филмската награда „Оскар“ Вил Смит му упадна на сцената и му удри шлаканица поради шегата за фризурата на неговата сопруга Џејда Пинкет-Смит.
Според западните медиуми, Рок го споредил враќањето на „Оскарите“ со враќање на „местото на злосторството“… Повикувајќи се на судењето на О.Џ. Симпсон за наводно убиство во 90-тите, комичарот рекол дека враќањето на следното доделување би било како да ја замолите Никол Браун Симпсон „да се врати во ресторанот“ (сопругата на О.Џ. беше убиена со својот љубовник – помлад келнер во ресторан).
Рок ја одбил поканата. Но, исто така, откри дека му била понудена реклама за Супербоул-финалето, заснована на немилиот настан – и тоа го одбил.
– Тој (Вил Смит) е поголем од мене… Државата Невада нема да одобри борба меѓу мене и Вил Смит, се шегувал Рок.
Американската Академија за филмски науки и уметност, инаку организатор на „Оскарите“, засега нема коментар за тврдењата на Рок.