Власта апелира сите пратеници да ги поддржат уставните измени, ВМРО-ДПМНЕ тврди дека ќе ги отфрли – ММС
ММС

Објавено на: 08/27/22 9:56 AM

Власта апелира сите пратеници да ги поддржат уставните измени, ВМРО-ДПМНЕ тврди дека ќе ги отфрли

Претставници на власта вчера уште еднаш ги повикаа пратениците во Собранието, пред сè оние од редовите на опозицијата, да ги поддржат уставните измени и да не го блокираат патот на земјава кон ЕУ, додека ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека нема да ги поддржи предлозите за промена на Уставот.

Премиерот Димитар Ковачевски ги повика сите 120 пратениците да бидат на висина на задачата и да го поддржат продолжување на патот на земјава кон полноправно членство во ЕУ, со тоа што ќе ги поддржат уставните измени. Тој нагласи дека уставните измени ќе поминат низ процес на парламентарна дискусија и тие се нешто што земјава треба да го направи и не треба да се користат за теснопартиски интереси.

– Верувам дека сите 120 пратеници треба да ги поддржат уставните измени зашто со нив се внесуваат делови од други народи кои живеат тука, кои изразиле желба да бидат дел од нашиот Устав. Ние веќе имаме повеќе делови од народи кои се дел од Уставот, покрај македонскиот народ. Постојат држави со дури 25 народи во Уставот, како Хрватска и тоа само ја збогатува општествената кохезија, рече вчера Ковачевски на прес-конференција во Владата.

Тој потенцира дека секој пратеник има обврска кон граѓаните и државата во однос на европската иднина и затоа постои дискусија во Собранието која треба да се базира на аргументи, факти и на перспективите на земјата.

Од друга страна, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски вчера уште еднаш го повтори ставот дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ нема да ги поддржат предлозите за измена на Уставот, порачувајќи и на власта „да го пушти” предлогот за уставни промени во Собранието и да види дали има или нема поддршка за нив.

– Еве ја повикувам власта нека го пуштат овој предлог во Собрание да видат дека немаат поддршка од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Предлозите за уставни измени ќе паднат во Собранието и после тоа да одиме на предвремени парламентарни избори, изјави Николоски во гостување во вестите на Канал 5, додавајќи дека предвремените парламентарни избори „треба да се случат, за народот го каже сопственото мислење”.

Тој додаде и дека ВМРО-ДПМНЕ не се откажала од референдум за „францускиот предлог” и дека активно и интензивно работи на негова организација.

– Ние кажавме дека на крајот на овој месец и почетокот на септември ќе излеземе со конкретни позиции во однос на прашањето и на начинот на кој што би се реализирал овој референдум. Се надевам дека од власта ќе соберат доволно храброст и ќе дадат можност на народот да го каже своето мислење во однос на бугарскиот предлог и во однос на овој спорен договор што го потпишаа, истакна Николоски.

 

МИА