Тридневна жалост прогласи Општина Каменица, откако 13-годишно момче од селото Саса го загуби животот при берба на дрва.
Поради несреќата, локалната самоуправа реши да ја откаже манифестацијата Каменичко културно лето, а информацијата ја потврди градоначалникот, Димчо Атанасовски.
-Дозволете во свое лично име и во име на општина Македонска Каменица да изразам искрено и длабоко сочувство до семејството Стојковски кое денес загубија дете, брат, внуче. Денес целиот град сочувствува со нивната болка и загуба за прерано згаснатиот живот. Со оглед на огромната загуба за целиот град, Ве известувам дека манифестацијата „Каменичко Културно Лето 2022“ која беше закажана за период од 26ти до 28ми Август, се откажува во целост и општина Македонска Каменица прогласува тридневна жалост – се наведува во објавата на Атанасовски на социјалната мрежа Фејсбук.
Одлуката за тридневната жалост треба да биде потврдена на вонредна седница на Советот на Општината, која е свикана вонредно.
Првичните информации говорат дека тинејџерот загинал откако се превртел тракторот со кој се превезувал по берба на дрва, додека возачот кој е повреден е хоспитализиран. Во тракторот имало и уште едно лице. Како настанала сообраќајката се уште не е потврдено, но неофицијално, причината е тоа што возачот изгубил контрола.