Бугарија никогаш нема да признае постоење на македонски народ ниту македонски јазик, е ставот на академик Ѓорги Поп-Атанасов, кој самиот преживеал своја животна голгота со земјата во која е роден како Македонец и во која завршил факултет и основал семејство.
Во емисијата „Стадион“ Поп – Атанасов кој за себе вели дека е Македонец роден во Пиринска Македонија во селото Елешница близу Банско, објасни низ неговиот пример како бугарската држава систематски работела против македонската самобитност. Осуден е на пет годни затвор како 17-годишник и поминал 2,5 години затвор во Бугарија, затоа што како дел од група гимназијалци делувале за македонската самобитност.
-Во 1956 година со доаѓањето на Тодор Живков на власт, се засили притисокот. Ние формиравме групи и пишувавме по ѕидовите на гимназијата во Разлог пароли како „Македонско име нема да загине“. Бевме уапсени и осудени. Еден од групата што беше полнолетен доби 10 години затвор. Со пресудата добивме забрана да учиме во регионот на Разлог, вели Поп – Атанасов во „Стадион“.
Зборувајќи понатаму за својот живот во Бугарија, неговиот живот продолжува како трудовик – односно припадник на бугарската војска, кому не смее да му се даде пушка поради тоа што е обележан како неподобен.
-Од 800 такви трудовници, само 15 бевме што не сме Турци, раскажува Поп – Атанасов.
Две години работи секакви физички и градежни работи, за по враќањето од војска да се запише на Богословскиот факултет во Софија, кој му бил единствената опција. По завршувањето на факултетот кратко трае неговата кариера како благајник во црквата, повторно поради судир со Доситеј за неговата македонска самобитност. Работел како градежник, па потоа како коректор на новинарските текстови во „Пиринско дело“. Почнале притисоците и по еден претрес во неговиот дом, преку ноќ со сопругата и мало дете се качил на автобус и дошол во Скопје, каде побарал политички азил. По пет години добил и југословенско државјанство.
Своите најблиски, родителите, сестрите не ги видел повеќе од десет години. Раскажува дека не смеел да ја помине границата, бидејќи знаел што го чека.
-Во тоа време во Бугарија имаше изобилство од логори каде можат да те одведат без судење, вели Поп – Атанасов.
Дури пред смртта на неговиот татко во 1990 година, Ѓорги Поп-Атанасов се осмелил да замине во Бугарија. Во 1995 година отишол во разлог да ја види мајка си. Ја преминал границата, но вечерта бил екстрадиран и добил црн печат во пасошот.
-Бугарската држава може е слободна за Бугарите, но не е слободна за Македонците. Македонците се под жесток притисок, вели Поп – Атанасов.
Во Македонија академик Ѓорги Поп – Атанасов успеа да изгради кариера преку проучувањето на старословенските ракописи, а заедно со Катица Ќулафкова од самото основање на Институтот за македонска литература во Одделот за старословенски ракописи.
Неговиот став е дека Македонија е трезорот на старословенски ракописи, што Бугарија го нема, има богатство од традиција и местото на создавањето на Охридската архиепископија, што сега се присвојува од бугарска страна.