Нова траума за семејството на Јован – По погребот ќе се врши ексхумација, обдукција и идентификација на телото на починатото лице – ММС
ММС

Објавено на: 08/26/22 3:30 PM

Нова траума за семејството на Јован – По погребот ќе се врши ексхумација, обдукција и идентификација на телото на починатото лице

Во Основното јавно обвинителство – Штип оформен е предмет со цел да се утврдат причините за смртта на пациентот од Берово кој бил третиран во ЈЗУ Клиничка болница Штип.

Јавниот обвинител, согласно член 236 и член 246 од Законот за кривична постапка, денеска издаде Наредба за ексхумација, обдукција и идентификација на телото на починатото лице, која ќе ја изврши Институтот за судска медицина – Скопје. Од Обвинителството информираат дека постапуваат со цел да ги испита наводите за евентуална лекарска грешка при третманот на сега починатото лице.

– Надлежниот јавен обвинител издаде повеќе наредби до МВР-СВР Штип и до ОВР Берово со цел да се прибави целокупната медицинска документација околу текот на лекувањето на починатото лице од сите приватни и јавни здравствени установи и ординации каде пациентот побарал лекарска помош. Исто така, полицијата е задолжена да изврши разговори со лекарите и со останатиот медицински персонал кој постапувал, како и со членови на семејството на починатиот пациент, се наведува во соопштението од Јавното обвинителство – Штип.

Претходно Државниот санитарен и здравствен инспекторат спроведе вонреден инспекциски надзор во Клиничката болница Штип.

Роднините на починатиот на социјалните мрежи информираа дека тој починал откако добил сепса по дренирање заб во штипска болница.

– На ден 23.08 пациент на возраст од 25 години е префрлен од Клиничката болница во Штип во многу тешка состојба и на респиратор. Пациентот на прием со знаци за тешка системска инфекција. И покрај напорите на медицинскиот тим на КАРИЛ и дадената соодветна медицинска нега, пациентот за жал почина за помалку од 24 часа, соопшти вчера директорот на Клиниката за трауматологија ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) Александар Трајановски.

По завршениот вонреден инспекциски надзор, Министерството за здравство соопшти дека јавноста ќе биде поконкретно информирана.