Пак е таа болница, ни рече Михаела Довичинска, девојчето од беровското село Митрашинци, кое пред неполни две години во Болницата во Штип ја загуби мајка си и јавно прозборе низ што поминувале додека траело лечењето од корона.
Михаела се јави во нашата редакција и рече дека чувствувала потреба јавно да изрази сочувство на семејството на Јован, бидејќи додека траеше болничката голгота на мајка и од новинарите имала голема поддршка. Затоа сакала да изрази поддршка на семејството на Јован, кој вчера по хируршка интервенција од сепса го загуби животот.
Михаела вели дека лично не се познавала со Јован, го знаела од град, но како што кажа, цело Берово раскажува за нивната мака и се присетила на деновите кога на 14 ноември 2020 во оваа болница, според неа, ги доживеала најголемите трауми.
-Го исплакав Јован како што плачев по мајка ми. Сите слики ми се вратија што упорно се обидувам да ги заборавам што ги доживеав со таа болница. Уште ми ѕвонат зборовите што ми ги кажа мајка ми за однесувањето на медицинскиот персонал. Внука на пациентка, која лежела во иста соба со мајка ми и која била таму ми кажа дека кога сестрата ја прашале кога ќе биде тестирањето, таа им рекла: „Што ти е тебе гајле кога ќе те тестираме“, а мајка ми не можела воздух да земе, не можела да дише, вели Михаела и додава:
-Се консултиравме со неколку адвокати, сакавме да тужиме, но знаете ли што ни рекоа адвокатите? Дека е многу тешко да се докаже, бидејќи се прикриваат меѓу себе. Сите постапки за сомневањата за лекарска грешка ги водат лекари и тие треба да докажат дека нивниот колега згрешил и секако дека тоа нема да го направат, тие се прикриваат. Никој нема да рече – да, мојот колега згрешил. Затоа многу ми е жал за Јован и се сомневам дека ќе дојдат до правда. Кај нас секое чудо за три дена, за жал. А не може да биде така, не смее да биде така. За живот се работи. Што е толку тешко некој да си ја сноси одговорноста. Испаѓа дека сите ние кои имаме доживеано ваква траума не сме во право, туку тие се. Време е конечно некој да излезе, да признае одговорност и да почнеме да ги менуваме работите од корен. На крајот на краиштата, за да го решиме проблемот мораме да прифатиме дека го има, а очигледно е дека го има, не само кај Јован, кај мајка ми, има уште многу, вели разочарано Михаела.
Нејзината мајка Руменка (41) почина на 14 ноември пред две години. Таа тогаш јавно го прозва тогашниот министер за здравство Венко Филипче и отворено ја прозва Болницата во Штип за нехуман однос. И по скоро две години, вели таа, тагата не се намалува, затоа и сочувствува со семејството на Јован.
-Ние немавме сила да се бориме, мајка ми ништо нема да ја врати, знаевме каков ќе биде исходот. Затоа велам како што излезе со мајка ми, болницата ќе биде во право. Така, за жал ќе биде и со семејството на Јован. Ги нема да покажат малку жал, сочуство, човечностм да излезат барем да се извинат. И не може некој да ми каже дека ова е нормално и дека се случува и на други места. Кај нас стана практика, згаснуваат живот за ништо. Еве да прашам жената што и ги извадија органите до кај е?? А не се само овие случаи. Затоа сум скептична, ќе видите, ќе биде исто како и за сите претходно, вели Михаела.
Михаела вели дека и денес кога ќе слушне дека некој оди во болница во Штип само ужасни мисли и’ поминувале низ глава. Таа траума, вели и повиците на мајка и’ за помош, нема да ги заборави за цел живот, ниту таа, ниту, пак, нејзиното семејство.
-Низ глава постојано ми се вртат зборовите на мајка ми, молењето за помош, тоа голема траума. Тешко ни е без неа, но мораме да се навикнеме. Често ја сонувам. На почетокот не знаев што е сон а што јаве. Кога ќе ја сонувам и ќе се разбудам си викам-оф добро е, не се случило. Но, кога ќе се расонам, кога се освестам, кога ќе сфатам дека мама навистина ја нема, тогаш е најтешко. Тешко е многу тешко, и за тој што млад заминал и за неговото семејство. Затоа сочуствувам со семејството на Јован, ни рече Михаела.
Весна Миленковска