Раздвижено во центарот на Штип со првиот уписен ден за студенти на 15 студиски програми на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип. Меѓу различните македонски дијалекти, се слушаат и странски јазици, главно турски, на идните студенти од Турција, кои традиционално се определуваат за Штип и медицинските науки. Од оваа година почнуваат со работа и акредитираните програми по англиски јазик на Општа медицина, Музиката академија, Правниот факултет и програмата за Модерен танц на Филмската академија.
Студентите што ги затекнавме пред уписните пунктови велат дека постапката за упис не е комплицирана, ги имаат сите потребни документи и наскоро очекуваат индекс. На уписниот пункт разговаравме со идните медицинари.
-Мојот е избор е Општа медицина, затоа што е платена работа. По завршувањето, планирам работа во странство, ни рече една од идните бруцошки. Девојка, која чекаше да ги предаде документите, рече дека дошла од Прилеп да студира во Штип.
-Најмногу ме влече, сакам медицина, рече младата прилепчанка.
Матурантка од Кочани го избира програмата за физиотерапевт на Високата медицинска школа.
-Тоа учев во средно училиште и се надевам дека ќе можам да продолжам на Високата медицинска школа, па потоа работа на струката. Рано е да се каже дома или во странство, одговори завршената средношколка.
Кочани е блиску, па ако се доаѓа само на вежби, како што беше лани, девојката ќе патува. Токму начинот на студирање ќе одлучи дали Штип ќе се наполни со студенти. Судејќи според најавата дека е избран хибридниот начин на студирање, студентите ќе останат дома.
Како што објасни проректорот Мишко Џидров, големите групи, како тие на медицинските науки ќе студираат онлајн, додека вежбите со физичко присуство. Малите групи ќе студираат со физичко присуство. Сите ќе мора да дојдат на факултетите за колоквиуми и полагање.
Што се однесува до уписите, како што објасни Џидров, од јули беше отворен електронскиот системот за поднесување на документи за слободните 3800 места. До четврток тие што аплицирале ќе можат да ги достават оригиналните документи, по што следи објавување на ранг листите и конечните уписи.
– Според бројот на електронски на апликации, иако е рано да се каже, најголем интерес има за медицинските науки, но и другите наставни програми се атрактивни. Дел од студентите го препознаваат УГД за својата натамошна едукација, дел заминуваат во странство. По третиот уписен рок, ќе се знае точно интересот на идните бруцоши, изјави Џидров.
Во наредните 4 дена отворени се уписите на Универзитетот Гоце Делчев за слободните 3.800 евра. Од оваа година отворени се и програмите на англиски јазик за 4 наставни програми. На овие студии пред да се запишат студентите, се тестираат за познавање на англиски јазик. Со години традиционално турските студенти доаѓаат во Штип да студираат, а оваа година, според проректорот Џидров, се интересираат и студенти од африканските и азиските земји.
Странците најголем интерес имаат за медицинските науки.
Во УГД паралелно течат уписите за магистерски и докторски студии, додека вториот и третиот уписен рок за прв циклус, се на 9 и 12 септември и 21 и 22 септември. До 30 септември треба да бидат запишани сите студенти за да може да почне студиската година.
Универзитетот и оваа година ќе стипендира со ослободување од партиципација на првите најдобри 30 студенти на медицинските науки, 20 на студиите за земјоделски и природно – технички науки, Правен факултет, Бизнис- логистика, Информатика, 10 студенти на Музичка академија. Целосно ослободување од партиципација има на Технолошки факултет и за сите студенти на катедрите за македонски, германски ,турски и англиски јазик.