Вчера на Железничка станица во Скопје се случувало драма, а причина било тоа што двајца патници и едно дете сакале да се качат во воз со миленик. Драмата траела шест часа, а завршила со полициска акција.
Драмата, како што велат патниците за ММС, познатиот еко активист Димче Ацков и пејачката Тања Царовска со ќерка ѝ, почнала во 14 часот, кога сакале со миленикот да се качат во возот за Битола. Но, велат тие, кондуктерите ги исфрлиле од возот, бидејќи не сакале куче да им се вози во воз. Но, се вратиле за последниот воз за Битола, во 20 часот.
-Кога првиот пат нѐ симнаа од возот им рековме дека имаме медицинска документација дека мора да биде со нас, но за жал ја имавме заборавено. Во ред, ја напуштивме Железничка, отидовме ја земавме потврдата и се вративме во 20 часот со другиот, последниот воз за Битола. Но, вториот пат настана поголема драма, вели Димче за ММС, кој на јавноста ѝ е познат по еколошкото село што го прави близина на Велес.
Кучето било на пејачката Тања Царовска, која како што вели, имала медицинска документација дека миленикот ѝ е емоционална поддршка и дека мора да биде со неа.
-Пробав да се качам на јавен транспорт, на воз и два пати ме избркаа оти патувам со миленик, мирно и неагресивно, а со него сум патувала во многу држави, само тука не може. Кажав дека кучето ми е емоциионална поддршка и треба да биде со мене. Имам и документ. Но, два пати бевме избркани за нешто што секаде во светот е најлегитимна работа, нормална работа е да се патува со миленик, вели Тања за ММС.
Трагедијата да биде поголема вработените повикале полиција, а случајно тука имало и некој дечко од Белгија со миленик, па и него го симнале и тој седнал на клупата и ја гледал целата драма што се случувала.
-Жив срам ме изеде од странецот, кој толку граници поминал со миленикот и тоа без транспортер и овде кај нас да доживува голгота. Но, нашата голгота беше поголема, оти дојдоа дури осум полицајци, мислиш бркаат тешки криминалци. Осум полицајци за кучето да не се вози во воз. Да се чудиш. Кучето не е ни големо, среден раст мешавина. Се насобраа полицајци, вработени, како сцена од крими филм. Толку полицајци кон тројца невооружени и мирољубиви луге и едно куче. А немаше никакво насилство, јас сум пацифист, екологист, не сум таков. Навистина ме изеде срам. Нѐ држеа околу еден час, мене не ми дозволија ниту до тоалет да отидам, на моменти беа и груби. По еден час ни рекоа бркајте си работа, кај знаете одете, вели за ММС Димче.
И тој и Тања велат дека ова е јавен транспорт, што значи за сите, а ако навистина имаат таков правилник, тогаш е дискриминирачки. Димче вели дека детето со нив почнало и да плаче, но никој не сакал од нив да му пријде да го смири, оти го уплашиле.
-Никој од тие кондуктери човечки не пристапи. Куче со маска, со медицинска документација и четири куфери, а толку голема дрма. Дури кондуктерот вика „јас со вас ли ке се знамимавам“, а најчовечки пристапивме. Дури не нарекоа и кучкари. Ретко патувам, живеам надвор од системот и кога влегов на Железничка толку беше валкано што ми беше гад да седнам, додава Димче.
Царовска се пожали и на некоректниот однос на дел од полицајците.
-Има милион причини зошто да се патува со миленик, може нема пари некој за да го остави во пансион. А полицајците пола од нив беа многу некоректни. Еден за малку ќе ме удреше, а во еден момент ги пребројав осум полицајци за куче на кое глас не му се слуша. Стуткано до мене. Ќерка ми плачеше цело време, нѐ истрауматиираа. Сакав на ќерка ми да ѝ покажам дека и во Македонија имаме возови, а сега вика никогаш повеќе тука во воз. Нѐ вратија за медицинска потврда, а кога вториот пат ја донесовме не сакаа ни да ја погледнат. Едно време дури ни рекоа дека ќе нѐ носат во станица, а потоа еден друг полицаец рече дека нема потреба, доволно е изјави да дадеме. Хаос. Како да сме криминалци, вели Царовска за ММС.
Дека Тања Царовска е пејачка сите знаеме, но погледнете кој е Димче Ацков во неговите поранешни интервјуа за ММС.