Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило продолжени кривични дела „противправно лишување од слобода“ и „телесна повреда“.
Обвинетиот, како што е наведено во соопштението од Обвинителството, во периодот од 10.10.2021 година до 12.03.2022 година, при вршење семејно насилство, во два наврати и ја ограничил слободата на движење и телесно ја повредил оштетената со која живеел во вонбрачна заедница. Физички ја напаѓал оштетената, удирајќи ја со тупаници по главата и телото и нанесувајќи и телесни повреди, а потоа и забранувал со денови да го напушта заедничкиот дом.
Надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје заедно со поднесеното обвинение доставил и предлог за определување мерка притвор за обвинетото лице.