Во претстојната учебна 2022/2023 година ќе бидат ангажирани 720 образовни асистенти во основните училишта, што е 220 повеќе од минатата учебна година.
Одлуката ја донесе Владата имајќи ги предвид искажаните потреби на родителите на учениците со попреченост, соопшти Министерството за образование и наука.
-Зголемувањето на бројот на образовни асистенти од 500 на 720 во споредба со учебната 2021/2022 година е показател дека МОН и Владата работат на подигнување на степенот на инклузивност во наставата и дополнително зголемување на квалитетот на воспитно-образовниот процес во училиштата, вклучувајќи ги и подрачните училишта во руралните средини, наведува МОН.
Ангажирањето образовни асистенти за учениците со попреченост кои следат настава во редовните основни училишта втора година по ред, додава МОН, повеќе не е грижа и трошок за семејствата на учениците со попреченост, туку обврска на државата.
-Асистентите остануваат фокусирани на обезбедување квалитетно образование на ученикот преку соработка со наставниците и родителите, со стручните работници и инклузивниот тим кој се грижи за ученикот, а истовремено ја поттикнуваат соработката меѓу децата и заедницата, соопшти МОН.