Победникот на овогодишниот 12. Натпревар во лежење во Црна Гора, Жарко Пејановиќ, познат како Кнеле од Забјело, упаднал во просториите на дневниот весник „Дан“ и физички ги нападнал вработените, кршејќи инвентар, бидејќи во информацијата за неговата победа го нарекле „најголем џаболебар“.
Настанот се случил синоќа и во таа прилика биле повредени технички уредник и новинар.
Натпреварот во лежење се одржува секоја година во Етно село Монтенегро во Брезна. Пејановиќ е годинашниот победник по 55 часа непрекинато лежење. Порталот појаснува дека „најголем џаболебар“ веќе неколку години е востановената титула за победникот на овој веќе традиционален натпревар.
Пејановиќ, се вели, почнал да прави хаос веќе во рекламниот оддел на „Дан“, па продолжил и во другите редакции. Полицијата интервенирала и тој бил приведен.
Инаку, речиси сите портали во Црна Гора и регионот објавија за натпреварот и сите го користеа „најголем џаболебар“.
По тој повод и полицијата излезе со соопштение во кое прецизираше дека Пејановиќ физички го нападнал техничкиот уредник на редакцијата А.Ј. и го скршил стаклото и дел од инвентарот во овие простории. А.Ј. во оваа прилика се здобил со повреди во вид на гребаници на раката.