Четири милиони денари за Пастрмалијада, штипската манифестација повторно се организира по пауза од две години – ММС
ММС

Објавено на: 08/23/22 2:03 PM

Четири милиони денари за Пастрмалијада, штипската манифестација повторно се организира по пауза од две години

Вкупно четири милиони денари ќе чини одржувањето на Пастрмалијадата во Штип следниот месец. По две години пауза, оваа манифестација преку која се презентира специјалитетот пастрмајлија, повторно ќе биде организирана на 23 и 24-ти септември, најавија денеска локалните власти.

Градоначалникот Иван Јорданов на денешната прес конференција изјави дека Општината ќе издвои два ипол милиони денари за организација, додека преостанатата сума од еден ипол милион денари ќе ја обезбедат општествено одговорни компании.

Главните музички ѕвезди годинава ќе бидат Тони Цетински и Јелена Розга која веќе настапуваше на Пастрмалијадата во 2017-та година. Покрај нив, дел од манифестацијата ќе бидат и Џамбо Агушев, ДНК,  Куку Леле и Зоран Илиев.

„Општина Штип е главен покровител на познатата манифестација Пастрмалијада. Ќе го презентираме штипскиот бренд пастрмајлија, со богата забавна програма. Ги поканувам сите граѓани да бидат гости на годинашната манифестација, сите љубители на добра музика ќе имаат можност да вкусат добра пастрмајлија. Од настанот ќе бидат дел, домашни музички ѕвезди и познати балкански ѕвезди,а  благодарение на угостителите ќе го презентираме познатиот штипски бренд пастрмајлија“, порача Јорданов.

Во пресрет на 14-тото издание на Пастрмалијадата, тој најави и состаноци со локалните угостители за да се дефинираат локациите за закуп.

 

(В. Ми)