„Не дај Боже никому она што мама го преживуваше цели 13 години“ – Фудбалерот Роберт Периќ донирал црн дроб на мајка си – ММС
ММС

Објавено на: 08/22/22 7:00 PM

„Не дај Боже никому она што мама го преживуваше цели 13 години“ – Фудбалерот Роберт Периќ донирал црн дроб на мајка си

Роберт Периќ-Комшиќ, напаѓачот на Цибалија минатиот март  по постигнатиот гол против Јарун ги спакува работите и се упати кон Истанбул.

Таму го чекаше натпреварот на животот, операција на црниот дроб, кој го донираше на својата тешко болна мајка Љиљана…

– Фала му на Бога, сè помина во ред. И операција и закрепнување. И двајцата сме добро, речиси сум подготвен да се вратам на теренот, а мајка ми по 13 години борба доби нов живот – вели Комшиќ, која четири месеци по комплицираната операција е вратен на тренирање.

Пред операцијата во која му беа извадени 70 проценти од црниот дроб во клиниката Меморијал Бахчелиевлер во Истанбул, неколку дена пред неговиот 23-ти роденден, тој немаше гаранција дека ќе може да се врати во кариерата како фудбалски професионалец.

– Имав сосема јасна слика за ризикот, но во тој момент не ни размислував дали некогаш ќе играм фудбал или никогаш повеќе. Имав јасна мисија, да ја оздравам мама. Сè друго беше споредно. Мама е поголем херој од мене. Не дај Боже никому тоа низ што таа помина во изминатите 13 години. Таа имаше три неуспешни трансплантации на црн дроб од починат донатор. Пропадна и идејата жив дарител да биде братот Ведран, кому му бил замастен црниот дроб, па процедурата пропаднала. Татко ми Недељко има повеќе од 50 години, што заедно со замастен црн дроб е еден од двата елиминирачки фактори за дарување. Ризикот беше огромен, а времето на мама истекуваше. Животот и беше загрозен, стомакот и се наполни со вода и беа прашање на денови… Во моментот кога дознав дека сите други опции се исцрпени, ги спакував работите и одлетав за Истанбул.

По неколкучасовна операција, кога се разбудил од анестезија, го дочекало цунами на поддршка…

– Навистина од секаде доаѓаа пораки за поддршка и охрабрување. Тешко ми е да ги најдам вистинските зборови за да опишам колку ми значеше во тие моменти. Им благодарам на сите што ни дадоа дополнителна сила во таа борба, рекол тој за порталот винкуља.хр.

Ситуацијата денеска е сосема во ред, двајцата се вратија во нормален живот…

– Мама мора да зема терапија, но тоа не е ништо ново за неа, бидејќи со години е под лекарства. Сите наоди ми се во ред, црниот дроб е речиси целосно регенериран два месеци по операцијата. Во суштина, бегам од некоја приказна за херојство, го направив она што верувам дека би го направил секој што израснал во функционално семејство. Мајка ми ми даде живот, јас ѝ го продолжив, рекол тој.

Извор и фото: vinkulja.hr