На 28. издание на Сараевскиот филмски фестивал, најновиот филм во подготовка “Скејтањето не е за девојчиња“ на режисерката Дина Дума, а во продукција на Сестри и брат Митевски освои две награди за развој во програмата Синелинк. Станува збор за Синелинк награда од Филмскиот центар на Србија во вредност од 10.000 евра и наградата Женски гласови од Словенскиот филмски центар исто така во износ од 10.000 евра.
Огромно е признанието кое пристигнува од Сараево, од најзначајниот регионален копродукциски маркет, бидејќи “Скејтањето не е за девојчиња“ беше во конкуренција за награди со 46 филмски проекти во развој во конкуренција, а го препознаа две жирија, меѓународни, составени од признаени филмски дејци независни едно од друго.
Овој проект на Дина Дума веќе од почетокот предизвикува големо внимание во меѓународните филмски кругови. Да споменеме дека беше селектиран и како еден од шест филма во најпрестижната програма за развој на Канскиот филмски фестивал 2022, Резиденс на Кан, во ателјето на Канската Синефондасион, со престој во Франција, Париз и Кан, од март до јули годинава.
Сараевскиот филмски фестивал вечерва се затвара со најновиот филм на Пјер Жалица, “Празник на Трудот”, каде Сестри и брат Митевски Продукција се појавува како македонски копродуцент. “Празник на Трудот” беше поддржан како малцинска копродукција од страна на Агенцијата за филм.