Годинава е 60 годишниот јубилеј на Охридскиот маратон. Како традиција, која Охрид и државата ги става во центарот на светската спортска мапа, Агенцијата за млади и спорт, заедно со Владата Република Северна Македонија и сите надлежни институции, нема да дозволат овој познат, реномиран и светски признаен пливачки маратон да прекине и ќе ја преземе организацијата за одржување на маратонот, објави попладнево АМС.
Од Агенцијата додаваат дека на сите пријавени учесници ќе им биде овозможено учество и со тоа маратонот ќе продолжи да биде атракција, како за вљубениците во спортот, така и за граѓаните на Охрид и за сите туристи кои наменски доаѓаат токму за да го проследат овој голем спортски настан.
Повеќе детали за одржувањето на Охридскиот маратон, директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски ќе соопшти утре, на прес-конференција (10 часот) во просториите на општината Охрид.