Жештини! Колку температура може да поднесе човековото тело? – ММС
ММС

Објавено на: 08/18/22 3:20 PM

Жештини! Колку температура може да поднесе човековото тело?

Топлите летни температури се крајно непријатни и среќа е што има само ограничен број денови со вакви екстремни температури во текот на годината, иако бројот на такви денови значително се зголеми поради климатските промени.

Уште од една студија на НАСА во 1958 година, воспоставена е комфорна зона на температура меѓу 4 и 35 степени Целзиусови, во која, кога влажноста не надминува 50%, луѓето можат да функционираат неограничено долго. Но, кога е надвор од оваа зона, колку висока температура може да издржи човечкото тело?

И покрај бројните воени истражувања, на ова прашање нема општ и прецизен одговор. Различни луѓе можат да издржат различни температурни екстреми, а тоа зависи од начинот на облека, физичките активности, протокот на воздух и засолништето од сонцето. И пред сè, од влажноста на воздухот. При многу висока релативна влажност, човекот може да биде изложен на ризик уште од 36 степени Целзиусови, додека во пустините, каде што воздухот е исклучително сув, луѓето можат да преживеат десет минути на температура од 60 степени.

За да се одржи телесната температура на околу 37 степени, организмот при високи температури го ослободува вишокот топлина првенствено преку испарување, односно потење. Меѓутоа, ако релативната влажност околу него е висока, испарувањето е побавно и лицето забележува дека надворешната температура е повисока од онаа што ја мерат термометрите.

Затоа во прогнозата се користи таканаречениот индекс на топлина, кој од 1978 година го користат американските и повеќето европски метеоролошки организации. Во Канада, таканаречената скала Хумидеџ се користи од 1965 година, додека денес вашите телефони се потпираат на скалата RealFeal на AccuWeather.

Општо е прифатено дека на температура повисока од 54 степени Целзиусови, човечкото тело неизбежно ќе страда од топлотен удар. Оваа форма на хипертермија може да се појави и на многу пониски температури, а на неа може да влијаат лекови, алкохол, возраст и други околности. Спортистите кои се натпреваруваат на жештини може да бидат изложени на ризик, а статистиката покажува дека децата кои се оставени во неизладени автомобили се чести жртви на топлотен удар. Топлотниот удар е екстремна форма на термички стрес и доведува до зголемување на телесната температура за само неколку минути, вртоглавица, крварење, колапс на кардиоваскуларниот систем, конвулзии, кома, откажување на мускулите и органите, а во најтешкиот случај до смрт.

Секако, со температурите овде, колку и да се непријатни, нема потреба да се грижите се додека престојувате во проветрени, вештачки разладени простории, пиете доволно течности и избегнувате директно изложување на сонце за време на најтоплиот дел од ден.

Извор: Наука кроз приче