Бебе од седум дена го грабнала и го оставила гладно – Притвор за скопјанката која украде бебе во ГТЦ – ММС
ММС

Објавено на: 08/17/22 4:47 PM

Бебе од седум дена го грабнала и го оставила гладно – Притвор за скопјанката која украде бебе во ГТЦ

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донел наредба за спроведување истражна постапка против 28-годишна скопјанка осомничена за кривично дело – „грабнување“ и доставил предлог за определување мерка притвор до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје.

-На 16 август, во сутеренскиот дел на Градскиот трговски центар – Скопје, осомничената извршила грабнување на малолетно лице – новороденче старо само седум дена. На родителите на бебето осомничената им се понудила да им помогне да стигнат до Поликлиниката Бит Пазар. Во Градскиот трговски центар тие ја замолиле осомничената да го причува бебето додека да купат за јадење, по што таа се оддалечила со него. Со такси тргнала кон Ѓорче Петров, а потоа и кон нејзиниот дом, каде полициски службеници успеале да ја пронајдат и лишат од слобода. Со ваквите дејствија осомничената ги спречила родителите да бидат со своето новороденче повеќе од четири часа, а предизвикала и опасност за загрозување на здравјето на бебето, се наведува во соопштението од Обвинителството.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор на осомничената, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, како и страв дека ќе се обиде да ги прикрие трагите на кривичното дело и да ја попречува истрагата.​​