Буџетските средства наменети за Здружението за културни и уметнички дејности „Џој Фест” од Крива Паланка, ќе бидат стопирани, бидејќи во апликацијата до Министерството за култура беа наведени други изведувачи, а не познат турбо-фолк пејач од Србија.
– Организаторите на фестивалот годинава добија 153.000 денари од Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес по одделни области и активности од културата за 2022 година. Но, поради непочитување на критериумите и вметнување на турбо-фолк пејач во програмата, тие нема да ги добијат овие средства, велат од Министерството за култура.
Оттаму велат дека кога Министерството за култура ги објави резултатите од Конкурсот во февруари годинава, појасни, дека предност имале проекти кои промовираат култура, посебно на домашните уметници. Тие велат дека Министерството за култура поддржува проекти кои се во функција на развојот, афирмацијата и промоцијата на културата, а особено внимание е посветено на поддршка на проекти на млади, на проекти наменети за деца или за лица со посебни потреби.
-„Џој фест“ е во рамките на манифестацијата „Кривопаланечко културно лето 2022″ која ја организираат Општина Крива Паланка, ЛУ Градски музеј и НУ Центар за култура, во соработка со повеќе локални здруженија од областа на културата и уметноста, а е финансирана од Општина Крива Паланка, Министерство за култура на Република Северна Македонија, како и останати поддржувачи, велат од министерството.
ММС се обрати и во Општина Крива Паланка, која од пред неколку години е организатор на „Џој Фест“, бидејќи на почетокот оваа манифестација е иницијатива на група музичари од градот.
Градоначалникот Сашко Митовски за ММС вели дека концертот на Аца Лукас не е во рамките на „Џој Фест“ или „Паланечко кутурно лето“, , туку тој ќе настапи за празникот на градот, за „Св. Јаким Осоговски“, кога е славата на манастирот и кога традиционално градот го посетуваат луѓе од целата држава и за Денот на рударите.
-Парите од Министерство за култура се наменети за Бени-„Нон стоп“, Каролина, Гоце Саф, Брас брадрс и други учесници, кои годинава се планирани да бидат дел од „Џој Фест“, како рок фестивал. Аца Лукас ќе настапи за празникот на градот и неговиот настап е платен само од спонзори, вели градоначалникот Митовски.
Според него српската турбо фолк ѕвезда ќе настапи исклучиво поради желба на граѓаните, бидејќи во секојдневен разговор со нив тие самите го предложиле српскиот пејач да ги забавува за празникот.
-Со парите од Министерство за култура не ни може да се плати Аца Лукас, а искрено и дел од македонските пејачи. Затоа и неговиот концерт е покриен исклучиво од спонзори. Аца Лукас чини 15.000 евра, а од Министерство за култура добивме 153.000 денари (околу 2.500 евра) за кофинансирање за учество на домашни пејачи. Мене навистина ми е жал за ваквата одлука и за недоразбирањето. Парите од Министерство за култура се уште не се добиени, потпишан е само договор. По оваа информација јас се слушнав со министерката, на која и реков дека не мора да ги исплатат, бидејќи и настапите на домашните изведувачи ќе ги покриеме со спонзори. Општината учествува само со 600.000 денари, а останатите пари за другите манифестации, меѓу кои и концертот на Лукас се спонзорства, изјави за ММС градоначалникот на Крива Паланка, Митковски.
Турбо фолкерот за малку ќе ги скараше и општините Крива Паланка и Македонска Каменица. Од она што се пишуваше на социјалните медиуми е дека Аца Лукас на истиот ден требало да настапи на Денот на рударите во М.Каменица. Но, неговиот менаџер ги згрешил работите.
Весна Миленковска