„Ги предупредуваме Американците, запленувањето на резервите ќе ги уништи односите со САД“, изјавија од руското МНР – ММС
ММС

Објавено на: 08/13/22 2:46 PM

„Ги предупредуваме Американците, запленувањето на резервите ќе ги уништи односите со САД“, изјавија од руското МНР

Секое можно американско запленување на руски резерви целосно ќе ги уништи билатералните односи меѓу Москва и Вашингтон, изјави   шефот на Северноамериканскиот оддел во руското Министерство за надворешни работи .

Западот одговори на руската инвазија на Украина со невидени економски, финансиски и дипломатски санкции, вклучително и замрзнување на приближно половина од златните и девизните резерви на Русија во вредност од речиси 640 милијарди долари пред почетокот на инвазијата на 24 февруари.

Највисоки западни функционери, вклучително и шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, предложија запленување на замрзнатите резерви за да се помогне во финансирањето на идната реконструкција на Украина.

„Ги предупредуваме Американците на штетните последици од ваквите дејствија кои трајно ќе ги нарушат билатералните односи, што не е ниту во нивен ниту наш интерес“, изјави Александар Дарчиев во интервју за руски медиуми.

САД и нивните европски сојузници исто така замрзнаа 30 милијарди долари имот на богати поединци поврзани со рускиот претседател Владимир Путин, вклучувајќи јахти, хеликоптери, недвижнини и уметност.

Американското Министерство за правда побара пошироки овластувања од Конгресот за да ги заплени имотите на руските олигарси како средство за притисок врз Москва поради нејзините акции во Украина, изјави обвинител во јули.

Дарчиев рече и дека Русија ги предупредила САД дека дипломатските врски ќе бидат сериозно нарушени, па дури и може да бидат прекинати, доколку Русија биде прогласена за држава спонзор на тероризмот.

Говорејќи за ситуацијата во Украина, Дарчиев рече дека влијанието на САД врз Киев пораснало до тој степен што „Американците се повеќе стануваат директна страна во конфликтот“.

Дарчиев потврди дека има дискусии за можна размена на затвореници меѓу САД и Русија, во која би бил вклучен и Виктор Бут, затворениот Русин кој американските обвинители го споменуваат како еден од најважните трговци со оружје во светот, американската кошаркарска ѕвезда Бритни Гринер и поранешниот маринец Пол Вилан кој е уапсен од Русија.