„Жена од султана“ гостинка на меморијалниот турнир „Љубомир Рајчевски-Рајче“ – ММС
ММС

Објавено на: 08/12/22 11:22 AM

„Жена од султана“ гостинка на меморијалниот турнир „Љубомир Рајчевски-Рајче“

На 14 август ќе се одржи 16. меморијален фудбалски турнир „Љубомир Рајчевски – Рајче“, на кој ќе настапи српската пејачка Тијана Милентијевиќ, која кај нас е позната по големиот хит  „Жена од султана“.

-На 14ти, во недела е закажана завршната вечер на која ќе се одигра големото финале, ќе бидат прогласени победниците и доделени наградите на шестнаесетиот по ред Меморијален турнир во мал фудбал „Љубомир Рајчевски – Рајче“ кој се одржува од 15.07 – 14.08 – порачуваат организаторите на фудбалскиот турнир, спортска манифестација која ја негува традицијата и преку спортот ги зближува и обединува граѓаните.

Општината Чучер Сандево, покажува голем интерес за почитување и помагање востановената традиција да се одржи и продолжи. Во село Глуво се одржува турнирот во чест на истоимениот долгогодишен фудбалер на ФК Вардар, легендарниот Љубомир Рајчевски – Рајче, чие потекло беше токму оттаму.

Настанот е под генерално покровителство токму на општината, како и од граѓаните на село Глуво. Организациониот одбор на турнирот ги охрабрува сите љубители на фудбалот да бидат дел од финалето на овој традиоционален спортски настан, а најдобрите и публиката ги очекува големи изненадувања и вредни награди.

Покрај спортскиот, оваа манифестација традиционално има и културно-естраден карактар, секој турнир завршува со естрадно-музички настан, односно концертен настап на познати естрадни ѕвезди од регионот.

Годинава по завршувањето на спортскиот дел на финалната вечер, организаторот како специјална гостинка најавува уште една српска и регионална фолк ѕвезда, атактивната пејачка Тијана Милентијевиќ попозната како „Жена од султана“, која ќе ја забавува публиката со двочасовен концертен настап.