Минатата недела, планинарите на швајцарските Алпи пронајдоа кластер од човечки останки, а планински водич ги пронајде остатоците од урнат авион.
Овие остатоци се стари околу 50 години. Малку порано, на крајот на јули, беа пронајдени човечки останки на лице за кое постои сомневање дека починало во 1980-тите. Остатоците станаа видливи бидејќи глечерите на Алпите се топат и тие се само дел од новите објекти кои се откриени благодарение на глобалното затоплување, пишува Business Insider, а пренесува Јутарњи.
Планинари од Франција пронајдоа делови од скелет на глечерот Шесиен во јужниот кантон Вале во Швајцарија. Дарио Анденматен, управителот на планинската колиба од која многу туристи го започнуваат своето искачување, изјави за Гардијан дека мислел дека лицето починало во 1970-тите или 1980-тите.
На крајот на јули двајца планинари пронајдоа тело на глечерот Шточки, во близина на ски-центарот. Еден од нив, Лук Леќаноин, за швајцарскиот весник Блик изјавил дека посмртните останки се мумифицирани и малку оштетени, а лицето носело облека во стилот на 80-тите.
Полицијата сè уште работи на идентификација на двете останки, според Гардијан.
Еден ден откако скелетот беше пронајден на глечерот Чезиен, планински водич пронашол остатоци од авионска несреќа на глечерот Алеч, соопштија локалните власти. Полицијата соопшти дека истрагата утврдила дека станува збор за делови од авионот „Пајпер Чероки“ кој се урна на глечерот на 30 јуни 1968 година.
– Во моментот на несреќата, пред повеќе од 50 години, беа ограничени техничките средства за извлекување на остатоците од леталото во тешко пристапните области. Поради топењето на глечерот, особено во текот на летото, можно е од мразот да излезат други работи или делови од урнатини, соопшти полицијата.
Сè поголем број истражувања сугерираат дека како што светот се загрева поради климатските промени, многу алпски и други глечери ширум светот се топат и се повлекуваат. Затоа ваквите пронајдоци не се ретки.
Фото: novosti.rs