На композиторот Миодраг Неќак од Битола денес не сакале да му отворат трансакциска сметка во банка, бидејќи му пишувало дека бил роден во Санкт Петерсбург, Русија.
Тој оваа случка ја раскажа на Фејсбук, а подоцна во разговорот за ММС ни рече:
-Роден сум пред 54 години. Татко ми бил на факултет во Русија и јас случајно сум роден во Санкт Петерсбург. Од моето раѓање следните 3-4 години сме живееле таму, поточно додека да дипломира татко ми и сме се вратиле. Немам никаква врска со Русија, освен што случајно сум роден таму, ни рече Неќак и додаде:
-Тоа беше вчера напладне. Влегов во банката и побарав од службеничката да ми отоври трансакциска сметка за физички лица. Таа ми ги образложи условите, јас ги прифатив и почна постапката. Кога дојде пред крај, кога стаса до моето место на раѓање таа ми рече- „Се извинувам, сега го забележав местото на раѓање. Не смеем да Ви отворам сметка бидејќи вашето место на раѓање е Русија”. Ми ја врати личната карта и со нетрпение чекаше да ја напуштам банката. Требало дополнителни проверки, бидејќи сум роден во Русија. Но, и тие не сакаше да ги направи, буквално брзо ме избрка, вели тој за ММС.
-Никогаш во животот не сум почувстувал понижување од овој вид, додаде на крај Неќак.
(В.М.)