Грчкиот хотел Олеа Гарден и се извини на ЈК Травел, настанало недоразбирање на рецепција – ММС
ММС

Објавено на: 08/4/22 12:58 PM

Грчкиот хотел Олеа Гарден и се извини на ЈК Травел, настанало недоразбирање на рецепција

Туристичката агенција ЈК Травел испрати појаснување, во врска со, како што велат, недоразбирањето меѓу вработените во хотелот во Грција, поради што без потреба во негативна конотација е споменато нивното име.

-ЈК Травел воопшто не е поврзана со недоразбирањето што се случило во хотелот  Олеа Гарден, во Грција.  Гостите кои се сместени во Хотел Олеа Гарден се во своите соби и продолжуваат со својот одмор како што и првично имаат резервирано и уплатено. Најодговорно тврдиме дека ниеден момент никој од нив не беше оставен на улица и не остана никој без сместување.  Сите гости остануваат во хотелот во кој имаа уплатено за својот одмор. За ова недоразбирање кое настана, а кое нема никаква врска со ЈК Травел , доказ е и извинувањето, кое го добивме од хотелот, во кое се негира било какво бркање на гости од собите и, секако,  извинување до нас, како партнерска  агенција, велат од агенцијата објавувајки го дописот од грчкиот хотел.

„Почитуван  партнер ЈК Травел!  Се извинуваме за било какво недоразбирање направено во комуникација со Вашите гости и рецепцијата. Ви гарантираме дека одморот на ниту еден Ваш  гостин не беше прекинат во хотелот Олеа  Гарден на ниту една минута. За истото може да Ве известат и самите гости во било кое време.  Искрено се надеваме на добра идна соработка“, се вели во извинувањето од хотелот Олеа Гарден.

Проблемот настана кога вчера од Грција стаса информација дека македонски туристи биле избркани од собите во овој хотел, поради наводно, нерасчистени сметки меѓу агенцијата и хотелот.

-Нашето работење е максимално професионално, а тоа го докажува фактот дека ние сме  агенција  која постои 16 години и никогаш досега не сме се соочиле со ваква состојба, бидејки,  задовлството на нашите клиенти секогаш било и ќе  остане приоритет во нашето работење, велат од ЈК Травел.