Ниту еден јавен обвинител не смее да се смета себе си за семоќен – Колегите ѝ се налутија на Русковска за „драматичен полноќен повик до меѓународни институции и дипломати“ – ММС
ММС

Објавено на: 08/4/22 12:48 PM

Ниту еден јавен обвинител не смее да се смета себе си за семоќен – Колегите ѝ се налутија на Русковска за „драматичен полноќен повик до меѓународни институции и дипломати“

Здружението на јавните обвинители на Република Северна Македонија остро реагира на отвореното писмо од јавниот обвинител Вилма Русковска упатено синоќа преку медиумите до странски амбасади и меѓународни организации.

-Како професионално здружение, со зачуденост го проследивме дописот за кој сметаме дека го нарушува угледот на јавнообвинителската функција и грубо го прекршува Етичкиот кодекс на јавните обвинители. Имено, како јавни обвинители не гледаме ниту една причина за ваков драматичен полноќен повик до меѓународни институции и дипломати, особено што ниту обвинителката Русковска, ниту останатите обвинители од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во ниту еден момент не биле спречени самостојно да водат истраги за предмети во нивна надлежност. Меѓутоа, при постапувањето во предметите, и тие како и сите останати јавни обвинители мора да се водат од начелата на законитост и правичност. Освен тоа, Јавното обвинителство е засновано на принципите на хиерархија и субординација, што значи дека секој јавен обвинител за својата работа одговара пред повисокото обвинителство, велат во соопштението колегите на Рускоска и додаваат:

„Ниту еден јавен обвинител не смее да се смета себе си за семоќен и да одбива контрола над постапувањето. Таквата контрола токму има за цел да се избегне незаконито постапување и самоволие, како и да се гарантира праведноста на постапката. Јавното обвинителство имало и има капацитети и институционални можности да ги преземе сите неопходни дејствија и апсолутно независно да одлучува во секој еден предмет, без притоа да има потреба од надзор од амбасади или меѓународни организации“.