Процесот на ин витро и проблемите со неплодноста не се ништо срамно и никој не треба да се срами од тоа. Табуата и стереотипите на оваа тема треба да се струшат, а семејствата кои одат по овој тежок пат за да добијат дете, отворено да зборуваат…Овие пораки беа испратени до јавноста од страна на граѓанскиот сектор кој го следи прашањето со неплодноста.
Активистите, на јавна дебата во Собранието, побараа да се направат одредени измени во законското решение со кое се регулира оваа проблематика и да им се излезе во пресрет на луѓето кои сакаат да станат родители. За тоа како да се подобри Законот за биомедицински потпомогнатото оплодување, колку е макотрпен физички, психички и финансиски патот до тоа да се стане родител и како да им се помогне на луѓето кои одат по него, разговараме со Деспина Петровска – магистер по филозофски науки во областа на етиката и член на Управниот одбор на здружението „До бебе по патот на ин витро“.
Кога за првпат во Македонија е донесен Закон за биомедицинско потпомогнато оплодување и какви позитивни измени се направени?
-Законот за биомедицински потпомогнато оплодување (понатаму во текстот БПО) за првпат во Македонија е донесен на 13 март 2008 година, опишан како медицинска постапка со која се овозможува спојување на женски и машки полови клетки со цел постигнување бременост на начин поинаков од половиот однос. Овој закон има претрпено 4 промени (2008, 2013, 2014, 2015 година). Како една од позитивните промени би го издвоиле и дополнувањето за оплодување со внесување на ембрион во матката на жена-гестациски носител (сурогат мајка). Промени во однос на бројот на ваучерите за прво дете и терапијата не се направени од 2008 до сега.
За оние парови кои се одлучуваат на оваа постапка, ФЗОРСМ доделува 3 ваучери за прво дете, 3 за второ, 3 за трето и 3 за четврто дете. Под ваучер се подразбира дека ФЗОМ на секој пар или поединец кој се одлучува да прави ин витро постапка, ги покрива трошоците за третманот. Но, секогаш има дополнителни скриени трошоци (дополнителни испитувања, терапија, криопрезервација на ембриони и слично) кои се на товар на пациентот и мора да напоменеме дека достигнуваат високи суми. Процентот на пациентки кои не остваруваат бременост во првите 3 обиди е голем.
За овој Закон имаше јавна расправа во Собранието во мај, па каква беше вашата улога како здружение на таа јавна расправа и според вас, какви измени би требало да претрпи актуелното законско решение? Според Вас, каде има простор за подобрување и кои се актуелните недостатоци?
-На наша иницијатива и наше огромно задоволство, во соработката со Клубот на пратенички на РСМ, по повод Меѓународниот ден за акција за женското здравје, се одржа јавна расправа во Собранието на РСМ на тема „Кон промени на законската регулатива за поголема поддршка на пациенти кои се соочуваат со неплодност“ на која се разговараше за промена на Законот за биомедицински потпомогнато оплодување (БПО).
Се потенцираа неколку точки кои ќе доведат до промени и до подобрување на некои ставки, односно во некои членови од Законот за БПО. Беа присутни членови од сите фактори кои се клучни за изменување на овој закон почнуваќи од Министерот за здравство Беким Сали, претседателот на Комисијата за здравство Арбен Зибери, ФЗОРСМ, пратеничките од Клубот на Пратенички, пациенти кои се директно афектирани со оваа проблематика и секако стручни лица од ивф центрите коишто преку секојдневната пракса можеа да ги изнесат проблемите коишто настанале во сите овие години како резултат на зголемување на, за жал, бројот на ваквата популација која навистина има потреба од асистирана репродукција за да го достигнат својот сон, односно да станат родители.
По дискусијата беше предложено презентираните заклучоци да бидат доставени до Комисијата за здравство на Собранието, Министерството за здравство, Државната комисија за биомедицински потпомогнато оплодување при Министерството за здравство и до Фондот за здравствено. Побаравме да се зголеми вкупниот бројот на ваучери на вкупно 6, независно за прво, второ или трето дете, бидејќи искуството покажува дека најголема потреба има за прво дете, поголемиот дел од терапијата да се стави на позитивната листа, да се покрене кампања за поголемо информирање на јавноста за можноста за донирање, да се воведе софтверски регистар за евиденција на инвитро постапки, да се прават редовни гинеколошки прегледи, односно скрининг на младите жени. Побаравме и да се организираат советувалишта во средните училишта и на факултетите, да се направи ревидирање на регулативата и адаптирање на модерните текови во био оплодувањето. Во голем дел основата на нашите барања е поради финансискиот товар со кој се соочуваат сите ин витро пациенти. Она за кое ние како здружение се бориме е на некој начин во дел од процесот да го поделиме тој товар, бидејќи ние знаеме што значи да се води таа битка, а воедно и секој еднакво да има право да ја оствари својата желба да стане родител без да биде попречен од финансиските трошоци за постапката.
Колку нашето актуелно законско решение на оваа тема ги следи светските трендови во репродуктивните технологии? Според Вас, дали има некое искуство од друга држава кое би можеле да го земеме како добар пример?
-Актуелното законско решение нема многу недостатоци кои треба да се решат, најмногу забелешки имаме на основа на бројот на ваучери за прво дете и терапијата пред, за и по процесот на ивф. Државата треба да има слух за пациентите кои се соочуваат со инфертилитет, затоа што верувајте ги има многу и трендот е во континуиран пораст.
Како најдобар пример за закон кој е најдобро прилагоден на потребите на пациентите кои се соочуваат со неплодност е соседна Србија во која со последните законски измени многу им е олеснет патот до бебе преку ин витро на голем број парови. Како најважна законска измена е дека државата финансира неограничен број на обиди за прво дете. Исто така Словенија и Хрватска каде државата финансира 6 ваучери за прво дете.
Од она што сте го имале како комуникација со парови кои целат кон добивање дете на ваков начин, колку е обемна документацијата која треба да ја соберат од надлежните институции? Дали и овде институциите затајуваат и се јавува ли проблем кај ваквите административни процедури?
-На ова не би придале толку големо значење бидеќи реално и не претставува некој поголем проблем. Можеби првиот пат додека пациентите првично се обидуваат да го испроцесираат сето тоа што им се случува, собирањето на документацијата изгледа сложено и обемно.
Сите првиот пат сме коментирале дека е премногу и непотребна дел од документацијата, но оние кои го повторуваат процесот повеќе пати доаѓаат до заклучок дека сето тоа е за наше добро. Не секој пациент е секогаш кандидат за ин витро, постојат и полесни и помалку инвазивни постапки кои се користат за решавање на инфертилитетот. Ин витрото не е лек за неплодност, ин витрото е метод за справување со неплодноста. Ин витрото не гарантира сигурен успех. Со тек на време како го повторуваме процесот сфаќаме дека сите тие испитувања се потребни за да се елиминираат многу проблеми кои би можеле да се појават во процесот и да се елиминираат како пречка за успех. Или пак нѐ насочуваат кон друга поедноставна метода за справување со инфертилитет.
Со оглед на тоа дека жените кои имаат ин витро постапка треба да примаат одредени лекови и инекции на точно одреден временски период, дали на пазарот на труд се јавуваат проблеми поради извесното отсуство од работа? Какви се искуствата со работодавачите и дали е потребна поголема свест и кај нив за ваквото прашање?
-Примањето на инекциите не претставува толку голем процес, бидеќи поголем број од пациентите кои го повторуваат процесот се навикнати и знаат сами да ги аплицираат. Поголем проблем претставува потребата од чести прегледи, чести отсуства, боледувања, по ембрио трансфер, по оперативен зафат и слично.
За еден пат не е проблем, најчесто се излегува во пресрет и секако може да се земе боледување или одмор, па и за два пати, но кога ин витро обидите се повторуваат три, четри, пет пати, се покажува дека веќе се јавува проблем на самото работно место. Работодавците немаат разбирање за вработен кој постојано има потреба од отсуства и боледувања. Тука самиот проблем станува уште поголем поради недостиг на финансии кои и те како се потребни бидеќи самиот процес секако е многу скап, особен откако ќе се потрошат трите ваучери.
Да не го занемариме и психичкиот товар кој е неподнослив во повторувачки неуспешни обиди за успешно ин витро. Успешна ин витро постапка не значи само високо Бета ХЦГ, ниту првиот ултразвук. Успешна ин витро постапка е кога бременоста ќе заврши со износување и раѓање на живо и здраво дете со кое си одите дома.
Секако е потребно поголемо разбирање од страна на работодавците, можеби и некаква стимулација од страна на државата за сето тоа бидеќи навистина патот по кој чекорат ивф пациентите и без тоа е премногу тежок. Само тој кој поминал или поминува низ процесот може да разбере.
Која би била вашата порака за мотивација до паровите кои не можат да добијат дете по природен пат?
-Она што не смеат никогаш да го направат е да се откажат од својата желба да се остварат како родители. За секој проблем постои решение. Иако самата тежина и долготрајност на процесот носи дополнителен притисок.
Постојат луѓе кои долги години се борат со неплодноста и на крај излегуваат како победници, каде крајниот резултат е неизмерна среќа. Сепак, за да се роди првото бебе преку ин витро постапка потребни биле 10 години и многу неуспешни обиди.
Ние како здружение се обидуваме да понудиме целосна поддршка, со надеж дека еден ден ќе успееме во нашата идеа да отвориме Центар за психолошка поддршка и едукација каде сите идни родители би можеле да се обратат и да добијат совет или повеќе информации за се она што следи низ целиот процес. Центарот е замислен да функционира со неделни и месечни работилници во кои ќе бидат вклучени стручни лица кои се директно или индиректно вклучени во ивф процесот. Со пациентите ќе се работи групно и индивидуално. Замислата за тој Центар и самиот проект е навистина посебен за нас и од големо значење, веруваме и од голема корист за пациентите.
Исто така и да ги поттикнеме луѓето јавно да говорт за борбата со инфертлитет и секако рушење на сите табуа и стереотипи поврзани со самиот процес на ин витро и неплодноста.
Апелираме до сите кои чекорат по овој пат да ни се приклучат затоа што заедно можеме да направиме многу повеќе, бидеќи заедно сме посилни!
Вања Мицевска