Нашето минато тече во нашите вени, никој не може да го одземе и да сака, порача Ковачевски од Крушево – ММС
ММС

Објавено на: 08/1/22 10:06 PM

Нашето минато тече во нашите вени, никој не може да го одземе и да сака, порача Ковачевски од Крушево

Илинденците и асномците со оружје јуришале кон иднината за којашто верувале.

Тоа е сегашноста што ја живееме ние денес, слободна и независна македонска држава. И ние имаме обврска да јуришаме кон иднината во којашто веруваме, а тоа е европската иднина за нашите деца и идните генерации, порача вечерва премиерот Димитар Ковачевски во обраќањето на отворањето на отворањето на манифестацијата научни културни средби „Десет дена Крушевска Република“ во Крушево.

– Никој повеќе не може и нема потреба да зборува во наше име. Нашето минато тече во нашите вени – и никој не може да го одземе, дури и да сака. Ние нема од што да се плашиме, ниту ни доликува да се откажуваме од битки, нагласи Ковачевски.

Тој истакна дека во предвечерието на денот на македонската државност, на значајниот државен празник Илинден, оддаваме почит на борците од Крушевската Република и на сите борци кои ги положија животите во темелите на нашата Република – денешна слободна, независна, демократска, прогресивна, атлантска и европска, Република Северна Македонија!

– Славата и делата на илинденските херои, се нашата сила за иднината, тие се доказ дека секоја борба вреди, кога се има вредна цел. И ако треба накусо да се одговори што е тоа што Никола Карев, Питу Гули, Гоце Делчев или кој било од нивните современици и сомисленици ги прави големи – тоа се тие самите, но пред сè поради тоа што ставиле пред себе нешто поголемо, заедничко и обединувачко – поставиле идеја. Крушевската Република е идеја за автономна Македонија. Антифашистичката борба е идеја за слободна Македонија. На илинденските идеи од 1903 и 1944 година, во 1991-та година, се поставени темелите на самостојна и суверена Република Македонија. На илинденските идеи од 903-та и 44-та ја градиме и современа и перспективна Република Северна Македонија. И затоа јас денес решив да зборувам за идеите коишто значат перспективи, додаде премиерот.

Тој нагласи дела во периодот од независноста до денес се соочуваме со различни предизвици по патот на развојот, одвнатре и однадвор, но се се боревме и продолжуваме да се бориме.

– И во изминатите неколку години постигнавме значителен напредок кон стратешките цели и квалитетот на живот. Ова е потврда дека резултатите се можни, кога се бориме посветено и кога се бориме за вредности. Постигнавме членство во НАТО. Ги осигуравме границите на државата, со меѓународно признаен територијален интегритет. И зачекоривме, одлучно, како никогаш досега, кон нашата следна цел – полноправно членство во Европската Унија, со признаен чист македонски јазик и македонски идентитет, потенцира Ковачевски.

Тој нагласи дека денес продолжуваме одлучно по европскиот пат, бидејќи тоа е патот на иднината и патот на прогресот, бидејќи светилникот на прогресот ни е поставен уште од илинденците, а прогресивната, илинденска идеја ја бележи и Крушевскиот манифест.

– Илинденската идеја има континуитет низ вековите и ги поврзува нашето минато, сегашноста и иднината. Се покажала функционална и се покажала државотворна. Ги обединува граѓаните кои живеат заедно на ова наше заедничко парче родна земја. Трасира пат на државата кон светот.  И таа ни е и аманет и правец, кон напредна и современа држава, во којашто луѓето живеат слободно и достоинствено, интегрирани во семејството на демократски држави и народи во светот. Затоа оттука има само напред, истакна премиерот.

Затоа, според него, не постои сила што може да застане на патот на европскиот напредок на нашата држава и ако некој случајно решил да ја преиспита прогресивната суштина на илинденската идеја, да блокира или кочи развој, тој има различни мотиви и цели, од тоа што е интерес на граѓаните и државата.

– Ние пред нас ја имаме големата визија на големиот Гоце Делчев и таа е и останува нашата политика. Уште пред повеќе од еден век, културниот и духовен револуционер, кој има историски придонес во создавањето на македонската државност, ја изнел хуманистичката идеја низ којашто соопштил дека го разбира светот како поле за културен натпревар меѓу народите. Ваквата прогресивна идеја е и во основата на Европа, кон којашто стратешки се определивме, истакна Ковачевски.

Премиерот истакна дека нашата следна цел – Европа, не е само унија на држави, почитувани граѓани, туку таа е вредносен концепт што на ова наше тло е негуван со генерации.

– Во Европската Унија се обединети различни националности, традиции, вери, култури. Претставниците на државите, денес, седнати на заедничката европска маса, разменуваат идеи и вредности коишто им се мотив за себенадраснување, а не пречка. На овој начин им го олеснуваат животот на своите граѓани, ги развиваат економиите, се солидаризираат по прашањата од важност за егзистенцијата, безбедноста и сигурноста. Таа Европа, ги отвора вратите и за Република Северна Македонија, со признание на македонскиот народ, идентитет, јазик, историја и култура, коишто се неоспорен факт и со почит кон нашата држава, како пример за мултикултурност, потенцира претседателот на Владата во обраќањето.

Тој нагласи дека имаме вековна традиција на соживот и богатство на различности и култури и градиме едно и еднакво општество за сите граѓани и немаме предрасуда кон кого било, бидејќи потврдивме дека сме функционална граѓанска демократија, со пристап којшто е идентичен со европскиот пристап, којшто се совпаѓа со илинденската идеја на заедништво и ние продолжуваме да се развиваме.

– Како Македонци кои говорат македонски јазик, ни е отворен простор на европската маса. Првите документи во Брисел веќе се преведуваат на македонски јазик, истакна Ковачевски.

Премиерот повика, сите, независно од националната, етничка, верска, политичка или друга припадност, да покажеме патриотизам на дело и да продолжиме по аманетот на илинденците напред, а тоа е европскиот пат што го избравме.

– Сакам да порачам: водството не е човек, водството е идеја! Да сработиме напорно сите и да ја осигураме европската иднина. Тоа е идејата зад којашто вреди и мора да застанеме сите, не утре – туку денес, сега! „Сега“ е тоа што зависи од нас – она што ние можеме, треба и мора да го направиме. Ова не е битка за минато! Таа битка илинденците ја воделе и ја добиле! Оваа битка пред нас, почитувани граѓани, е битка за сегашноста и иднината и оваа битка, ве уверувам, заедно – ќе ја добиеме! Херојство е соочување, заедништво и меѓусебно разбирање, нагласи Ковачевски.

Тој потенцира дека денес ја имаме шансата да дебатираме и економски да се развиваме, рамо до рамо со европските демократии.

– Ние, генерациите на денешнината, ја имаме можноста да отвориме ново, светло поглавје во македонската историја. Ние сме сигурни во европскиот концепт којшто е определба на мнозинството граѓани во Република Северна Македонија. Илинден е и ќе биде нашата сила за европската иднина. Борбата мора да продолжи, затоа што  слободата се чува, а иднината се освојува. Нека ни е честит и вековит Илинден и заедно да одиме во нови победи, истакна премиерот во обраќањето на отворањето на манифестацијата научни културни средби „Десет дена Крушевска Република“, со што почнуваат чествувањата за националниот празник Илинден, кое годинава се одбележува под мотото „Илинден – нашата сила за иднината“.

Градоначалник на Крушево, Томе Христоски при обраќањето на отворањето на манифестацијата истакна дека пред нас е уште еден Илинден и уште една одговорност оставена од нашите предци.

– Уште еден Илинден преку кој треба да покажеме кои сме, што сме и зошто сме. Знаеме кои сме и на кој јазик зборуваме и тука сме да создадеме поубава иднина. Крушево чекори по европски пат и го живее идеалот на Илинденците, рече Христоски.

Тој нагласи дека денес Крушево е мултиетничка општина со пример за соживот и се развива и создава иднина.

– Истовремено, горди сме што живееме тука, затоа што сме Македонци, Албанци, Власи, Турци, Бошњаци и сите други кои зборуваат свој јазик и овде ја негуваат својата култура. Денес, гордо стоиме и ги живееме идеалите на Илинденците, сите сме заедно во градењето на подобра иднина за нас и нашите деца, рече Христоски, кој воедно е и претседателот на научно културните средби „Десет дена Крушевска Република“.

Во рамки на отворањето на манифестацијата, со почести, на Гумење беше издигнат бајракот на Републиката, кој ќе се вее 10 дена, а пред присутните беше прочитан и Крушевскиот манифест, кој потсети на заедништвото во борбата за правото и слободата на сите без разлика на верската и национална определба.

Инаку, дел од коњаниците, кои пристигнаа во Крушево за прославата на Илинден, како што информираше крушевскиот градоначалник Христоски, не сакале да бидат дел од манифестацијата, ниту да учествуваат на утрешното чествување на Мечкин Камен. Сепак, според него, дел од нив ќе присуствуваат од одбележувањето.