Мадрид бара од ЕП да го направи каталонскиот прв регионален јазик во официјална употреба – ММС
ММС

Објавено на: 07/28/22 8:19 AM

Мадрид бара од ЕП да го направи каталонскиот прв регионален јазик во официјална употреба

Шпанската влада синоќа соопшти дека ќе побара од Европскиот парламент да ја разгледа можноста за употреба на каталонскиот, кој, доколку предлогот помине, ќе стане првиот европски регионален јазик во официјална употреба во таа европска институција.

Мадрид ќе претстави „технички и финансиски изводлив“ предлог до комисијата на ЕП во Брисел и ќе работи заедно на предложената промена.

Централните шпански власти и регионалната влада во Каталонија се надеваат дека предлогот ќе биде усвоен до крајот на годинава.

Шпанија е подготвена, доколку тоа го сакаат другите две регионални влади во Баскија и Галиција, да побара од ЕП да ги вклучи на листата на официјални јазици – баскискиот и галицискиот  јазик, сроден на португалскиот.

За еден јазик да стане официјален потребно е тоа исклучиво да го побара една земја членка на ЕУ и да добие зелено светло од Советот на ЕУ, објасни портпаролот на Европскиот парламент.

Каталонскиот, заедно со шпанскиот, е широко користен во Каталонија и во два други соседни региона. Каталонскиот јазик беше потиснат од употреба за време на диктатурата на генералот Франциско Франко од 1939 до 1975 година.

На листата на официјални јазици во ЕП во моментов има 24 јазици.

МИА