Се олеснува пристапот до дијагностика и третман: Скопје добива пет нови ковид амбуланти, најави д-р Мехмедовиќ – ММС
ММС

Објавено на: 07/21/22 3:53 PM

Се олеснува пристапот до дијагностика и третман: Скопје добива пет нови ковид амбуланти, најави д-р Мехмедовиќ

Скопје ќе добие пет ковид амбуланти, за да се олесни пристапот на пациентите до дијагностика и третман. За ова денеска информираа од Комисијата за заразни болести, чии членови се состанаа за да дискутираат за актуелната епидемиолошка состојба во земјава.

Експертите едногласни – и покрај зголемениот број на заразени, болничките капацитети се доволни за да ги згрижат сите оние граѓани коишто имаат потреба. Портпаролот на Комисијата, д-р Злате Мехмедовиќ на попладневната прес конференција алармираше дека најоптеретени во здравствениот систем се матичните лекари и очекувањата се дека со петте ковид амбуланти, нивниот товар ќе се намали.

„Денеска на состанокот точно ги дефиниравме и просторот, и опремата и кадарот кои треба да бидат вклучени во тој процес на реорганизација на системот на примарна заштита. Во текот на наредната недела треба да почнат со работа пет ковид амбуланти на територијата на Град Скопје, градот којшто во моментот е најзасегнат со број на новозаразени на ниво на примарна здравствена заштита и сметаме дека ова ќе биде добро решение за да се скратат проблемите и во процесот на дијагностика со недостатокот на тестови којшто беше во текот на изминатиот период, но и во процесот на третман и следење на пациентите на примарна заштита“, изјави д-р Мехмедовиќ.

Тој посочи дека петте ковид амбуланти ќе бидат сместени во поликлиниките под Здравствен дом Скопје поточно во Поликлиниката „Идадија“, во Поликлиниката „Ѓорче Петров“, „Јане Сандански“, „Ченто“ и во „Чаир“.

„Со постоењето на ковид амбуланти, вака дисперзирани низ територијата на Скопје ќе биде покриена целата територија на Град Скопје и граѓаните ќе можат најблиску до своето место на живеење да добијат и дијагностика и третман за ковид-19. Сметаме дека ова ќе го олесни товарот и на матичните лекари, меѓутоа ќе ги направи и услугите во насока на потребата за дијагностика и третман за граѓните на Град Скопје, подостапни. Ова не значи дека ќе останеме на реорганизација на системот само за Град Скопје. Работиме и на тоа да обезбедиме опрема, персонал за останатите градови“, најави портпаролот на Комисијата за заразни болести.

Според првично договореното, во овие амбуланти ќе ротираат матичните лекари, за да може останатите да ги извршуваат своите редовни обврски со пациентите со друга патологија. Таму ќе се прават и брзи антигенски тестови, а во однос на тоа како ќе се закажува, д-р Мехмедовиќ потенцираше дека Министерството за здравство дополнително ќе информира.

„Ова го правиме во координација со матичните лекари, тие имаат претставник во Комисијата, кој требаше да направи анкета меѓу матичните лекари за тоа каков би бил одговорот во однос на тоа да треба да има ротација. Поголем дел од лекарите се изјаснија дека сакаат да има ковид амбуланти за да можат во текот на неделата да имаат едно дежурство, а понатаму да си ги водат другите пациенти. Можеби ќе имаат едно дежурство во два месеца, но останатите денови ќе бидат ослободени од обврските“.

Работното време на овие амбуланти ќе биде од 07:30 до 19:30 часот.

 

(В.Ми)