Побарајте помош, несоницата има сериозни последици по здравјето – Со Сања Ѓорѓева, тренер за спиење, за влијанието на топлото време врз сонот – ММС
ММС

Објавено на: 07/22/22 11:06 AM

Побарајте помош, несоницата има сериозни последици по здравјето – Со Сања Ѓорѓева, тренер за спиење, за влијанието на топлото време врз сонот

Летото е период од годината кој за многумина носи проблеми во однос на спиењето. Температурите, кои знаат да бидат високи и во вечерните часови, може да предизвикаат несоница кај одредени луѓе, а ако и вие сте дел од нив, не очајувајте.

Сертифицираниот тренер за спиење, Сања Ѓорѓева има совети како да си помогнете доколку не можете да потонете во сон. Во интервју за Македонски медиа сервис, таа објаснува и како одморањето надвор од дома може да влијае врз сонот и што да направат родителите ако забележат ваков проблем кај нивните деца.

Како топлото време во летните ноќи може да се одрази врз спиењето, дали може да предизвика несоница, нелагодност или слично?

-Долгите летни денови всушност можат да ни го украдат сонот. Од една страна изложеноста на повеќе светлина во попладневните часови го нарушува производството на важни хормони за спиење и будење, како што е хормонот мелатонин. Подоцнежното заоѓање на сонцето може негативно да влијае на нашиот циклус на спиење и будење и на циркадниот ритам, со тоа што ќе го одложи лачењето на мелатонин кој е одговорен да го „информира” нашиот мозок дека е време за спиење. Со нарушен циркаден ритам се соочуваме со потешко заспивање и почести будења.

Од друга страна и повисоките температури во текот на летото, исто така, може да го нарушат сонот.  Во идеални услови, температурата на нашето тело почнува да се намалува за неколку степени околу еден до два часа пред спиење, како подготовка за спиење, и продолжува да опаѓа додека спиеме. Овој внатрешен ефект на ладење ни помага да постигнеме длабока фаза на спиење. Но, кога надвор е многу топло, тоа спречува температурата на нашето тело да падне за да го олесниме спиењето.

Покрај светлината и температурата, треба да се обрне внимание и на нашиот животен стил во текот на летото, кој може да биде сосема различен од навиките во остатокот од годината. Летото е време кога многумина од нас се впуштаме во „режим на одмор”, што може да се претвори во повеќе дружење, пиење и јадење доцна во ноќта.

Како да си го олесниме заспивањето во текот на летниот период, кога температурите се високи и за време на ноќите? Дали се препорачува туширање со млака вода пред заспивање, треба ли да внимаваме на облеката во која спиеме, па и материјалот на постелнината?

– Облеката и постелнината секако играат улога во спиењето. Се препорачува постелнината да биде од материјал со голема пропустливост на воздух која ќе го намали потењето. Потрудете се да се опуштите пред спиење со некоја активност како јога, читање книга, слушање музика…

Придржувајте се до постојана рутина за спиење. Одењето во кревет и будењето да ви бидат во исто време секој ден, дури и за време на викендите – без разлика колку може да се чувствувате уморни наутро – ќе му помогне на вашиот циркаден ритам да се прилагоди на посакуваното време за спиење.

Еден до два часа пред спиење, затемнете ги светлата, за да предизвикате природно производство на мелатонин во вашето тело. Не заборавајте да ги исклучите електронските уреди во тој момент бидејќи тие испуштаат сина светлина, која може да го отежне заспивањето и наруши спиењето. Потрудете се да ја изладите собата за спиење, пред да влезете во неа. Еден до два часа пред спиење вклучете го клима уредот, или проветрете ја собата за да ви биде полесно заспивањето.

Како промената на местото може да се одрази врз нашиот сон? Сега се актуелни летните годишни одмори, па како тоа може да влијае врз спиењето, дали кај одредени луѓе може да се случи потешко да заспијат или да немаат континуиран сон бидејќи спијат на место далеку од домот?

-Кај некои луѓе промената на амбиентот сама по себе влијае врз спиењето и им го отежнува заспивањето. Од друга страна променет режим на будење, јадење и заспивање, неудобни душеци и перници, бучава во ноќните часови и сл. може да бидат причина за нарушено спиење кога одиме на одмор.

А што е со детскиот сон во овој случај, дали децата имаат проблем со спиењето кога нивните родители ќе ги однесат на одмор? Каква улога игра тука возраста на детето и што би ги советувале родителите во оваа ситуација?

-На децата и во лето им е потребно исто толку сон како и вообичаено, иако долгиот ден нѐ поттикнува на покасно вечерно заспивање.  Би требало родителите да се потрудат колку што можат да им го задржат редот и ритамот кој го имале дома, затоа што промена на место за спиење и промена на дневен ред на спиење може да предизвика промена во расположението на детето, тешко вечерно успивање, чести будења и рано утринско будење. Некои дечиња се адаптибилни и немаат проблем со промена на средина, но кај некои деца промената на место за спиење има големо влијание врз нив. За да им го олеснат привикнувањето на нова средина може да земат со нив некоја омилена играчка за спиење и своја постелнина од дома. Да им го уредат местото на спиење така за да ги потсетува на нивниот домашен кревет.

Вашата професија е нова, па како луѓето во Македонија гледаат на неа? Кој е вашиот впечаток за тоа како луѓето гледаат на сонот и неговото значење врз нашето здравје?

-Мојата професија е прилично нова во Македонија, но во светот постои повеќе од 50 години. Јас сум тренер за спиење седум години и како што поминуваат годините сѐ повеќе се крева свеста на луѓето за важноста на сонот, но сметам дека не е доволно. Треба повеќе да се зборува за оваа тема, да ги информираме луѓето за последиците предизвикани од несоница, но и за симптомите, да знаат да ги препознаат и да побараат соодветна помош.  Затоа што сонот директно влијае врз здравјето и има позитивно социјално влијание врз секое семејство, со преспаните ноќи и враќањето на сонот во фамилијата ќе се вратат и хармонијата, насмевката, расположението и односот на родителите кон децата. Одморени и наспани родители се многу попродуктивни и посреќни родители, а одморени и наспани деца се порасположени, посконцентрирани и многу побрзо учат и совладуваат нови работи.

 

Вања Мицевска