Две лица се приведени во полицијата во Прилеп во врска со случајот со опожарувањето на двете возила на пратеникот од ВМРО ДПМНЕ, Петар Ристески. Првиот што беше приведен вчера, е задржан во осумдневен притвор, но не поради опожарувањето, туку затоа што го искршил својот мобилен телефон додека бил на распит. Со тоа, како што соопшти Јавното обвинителство, сторил кривично дело „Спречување службено лице во вршење службено дејствие“, за што му е одреден притвор.
Во меѓувреме е приведено уште едно лице во врска со настанот од вчера со опожарувањето на возилата на пратеникот Ристески. Тој е задржан во полиција поради индиции дека е поврзан со овој настан. Двајцата технички не се осомничени за посочениот настан, туку се приведени.
-Се вештачат подигнатите траги и се анализираат снимките од видео надзорот, соопшти Јавното обвинителство.
Се работи и на случајот од ноќеска, кога беше опожарено возилото на Васе Никоска, раководителка во Општината Прилеп.
-Направен е увид од страна на полицијата, обезбедени се снимки што треба да се прегледаат, информираат од Обвинителството.
Во два дена во Прилеп се опожарени три возила. Политичките партии го осудија настанот, додека од ВМРО ДПМНЕ покажаа кон СДСМ со став дека е обид да се заплашат. Од СДСМ побараа брза и ефикасна истрага. Градоначалникот на Општината Прилеп Борче Ристески, рече дека безбедносната состојба во градот не е добра и побара промена на командирот на прилепската полиција.
– Ова не е прв случај на опожарено возило. Неодамна беше запалено и на директорот на комуналното претпријатие. Безбедносната ситуација не е добра и барам итна реакција на МВР, а и веднаш да се пронајдат сторителите. Воедно, овој грозоморен чин го сметам и како директен атак врз политиките на локалната власт, чие мнозинство советници во Советот на Општина Прилеп се од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, рече Јовчески.
Градоначалникот најави дека ќе упати, како што рече „протестна нота и до меѓународниот фактор, амбасади и европски претставништва во Македонија, поради неможност МВР да ја одржува безбедноста на граѓаните на Прилеп“.
Објавено на: 07/21/22 10:50 AM