Пронајден шорц како оној на исчезнатиот Мартин ја продолжи истрагата во Катерини – ММС
ММС

Објавено на: 07/21/22 8:34 AM

Пронајден шорц како оној на исчезнатиот Мартин ја продолжи истрагата во Катерини

Заплеткан во алгите, костим за капење што наликува како оној што денот кога исчезна во морето го носел Мартин, граѓанин го пронашол на плажа во областа Катерини. Го сликал, но не го земал со себе. Фотографијата ја пратил на спасувачите, со порака дека наликува на костимот на 31-годишниот Македонец, по кого се трага 13-ти ден. Мартин и неговите двајца пријатели беа однесени од морските струи на плажата Мити на Посеиди, Халкидики.

Како што објави шефот на спасувачката мисија ОФКАТ, Христос Рамос, фотографијата од костим за капење на плажата Катерини ги мобилизираше спасувачите – волонтери и тие веднаш се упатија кон местото, но ништо не се случи што би го подигнало моралот на семејството. Спасувачите со часови трагале, но не успеале да го лоцираат.

-Човекот ми ја испрати фотографијата со костим за капење меѓу алги, но за жал, само го фотографирал без да го земе. Пристигнавме на самото место и со помош на спасувачкиот тим Пиерија – ДОП, кој ни даде чамец, ја пребаравме областа до делтата Аксиос, но залудно“, изјави Рамос за Вориа.

Но, оваа фотографија беше доволна семејството да верува дека е на Мартин.
-Кога костимот го виде мајката на Мартин, рече дека личи на тој што го носел нејзиниот син“, истакна шефот на ОФКАТ.

Потрагата по Мартин продолжува и денеска, иако до сега не даде резултат. Неговиот брат Горан, кој од САД пристигна со сопругата и десетмесечното дете, рече дека потрошиле се’ што имаат на потрагата и побара помош од властите и волонтерите.