Омаловажувачки е говорот на Апасиев кој ги нарече новинарите „проститутки“, реагираат од ЗНМ и СЕММ – ММС
ММС

Објавено на: 07/20/22 3:45 PM

Омаловажувачки е говорот на Апасиев кој ги нарече новинарите „проститутки“, реагираат од ЗНМ и СЕММ

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) го осудуваат односот на пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев кој ги нарече „проститутки“ новинарите кои известуваа од меѓувладината конференција во Брисел.

Според ЗНМ и СЕММ, неговиот говор е стигматизирачки и дискриминаторен.

-Со самото тоа, како актуелен пратеник и лидер на политичка партија, негативно влијае врз слободата на изразување и квалитет на јавната дебата. Со своите вчерашни јавни изјави на социјалната мрежа Фејсбук, Апасиев демонстрира пример на тоа како јавна личност не треба да комуницира со новинарите и јавноста воопшто – се наведува во нивното денешно соопштение.

При тоа, од ЗНМ и СЕММ велат дека ова не е првпат Апасиев да се служи со ваков говор и да има арогантен однос кон новинарите.

-Со тоа директно го крши и Кодексот на етичко однесување на пратениците, според којшто во член 6 се наведува дека „пратеникот е должен при извршување на функцијата да се однесува со особено внимание и почитување на личноста и угледот на секој поединец“, истовремено мотивирајќи и други партиски приврзаници, но и други поединци и групи во општеството, на истиот начин да се постават кон новинарите – се додава во соопштението

ЗНМ и ССМ укажуваат и предупредуваат дека со ваквиот говор и настап е возможно да се поттикне насилство кон новинарите, што е апсолутно спротивно со законот, за што одговорност имаат и институциите на системот.