Во 2 часот по полноќ гореа две возила сопственост на семејството на пратеникот од ВМРО ДПМНЕ од Прилеп, Петар Ристески. Во пожарот што бил изгаснат со интервенција на пожарникарите, целосно изгоре едното возило, додека другото делумно, кое било зафатено од силниот оган. Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Прилеп изврши увид на лице место.
-По наредба на јавниот обвинител беа подигнати траги од лице место кои ќе се вештачат со цел да се утврдат причините за инцидентот. Јавниот обвинител издаде и наредби за обезбедување на евентуални снимки од видео надзорот на околните објекти во критичниот момент на опожарување на возилото, соопшти Јавното обвинителство.
На настанот од ВМРО ДПМНЕ му дадоа политичка конотација и вината ја гледаат во власта. Координаторот на пратеничката група на опозициската партија, Никола Мицевски соопштувајќи за настанот, напиша дека „увидот не бил направен согласно пропишани постапки“.
-Го повикувам, Оливер Спасовски и надлежните институции, да ги преземат сите мерки во истражување и изнаоѓање на виновниците за овој кукавички чин. Затоа што првичните информации говорат дека увидот не бил направен согласно пропишани постапки. Порачувам до власта, ако ова ви е патот кон Европска Македонија, тогаш да знаете дека сте на погрешен пат, напиша Мицевски.
СДСМ излезе со соопштение со осуда на чинот и повика МВР и сите надлежни институции целосно да го расчистат случајот со опожареното возило на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Ристески, а сторителите да бидат пронајдени и санкционирани согласно законите.
-Доколку во ВМРО-ДПМНЕ имаат внатрешни проблеми не е начин неосновано да се обвинува било кој, како што поединци во оваа партија на чело со армискиот дезертер, Драган Ковачки го прваат. Обидите за манипулација и покажувањето со прст кон некој друг, само за дневно-политички цели, е свесна злоупотреба на случајот, а можеби и свесно погрешно наведување. На потег се институциите, реагираше СДСМ.