Ги читам изјавите дека се за европската иднина, па нека го докажат тоа, им порача Вархеи на опозицијата – ММС
ММС

Објавено на: 07/19/22 12:48 PM

Ги читам изјавите дека се за европската иднина, па нека го докажат тоа, им порача Вархеи на опозицијата

Вања Мицевска од Брисел

 

 

Уверувања дека земјава ќе има најбрза интеграција во ЕУ и надеж дека сите политички партии ќе работат на европската иднина. Денеска од Брисел беше означен почетокот на пристапните преговори со ЕУ, а веќе попладне почнува и скринингот. Европските лидери уверуваат дека на патот кон ЕУ, нема да го изгубиме идентитетот, а следната меѓувладина конференција по денешната, ќе се одржи веднаш по уставните промени или внесувањето на Бугарите во Уставот.

Одговарајќи на новинарско прашање, што ќе се случи со преговорите ако не се направат уставните измени, еврокомесарот Оливер Вархеи рече дека јасно е оти тие ќе мора да се направат и порача дека е потребен ангажман не само од Владата, туку и од Парламентот.

,,Се надевам дека сите политички партии вклучително и опозицијата ќе работат на европската иднина. Видов дека многу граници на политичката култура се преминати, се надевам дека со оваа меѓувладина конференција ќе свртиме нова страница. Ги читам изјавите дека се посветени на европската иднина, па нека го докажат тоа”, додаде Вархеи.

Премиерот Ковачевски пак, прашан, како ќе се обезбеди национален консензус додека опозицијата најавува референдум против протоколот со Бугарија, но и дека нема да ги гласа уставните измени, не одговори конкретно и повтори дека ова е историски ден.

,,Ние денес сме членка на НАТО, оваа одлука е историска затоа што земјата тргнува напред во остварувањето на својата втора стратешка цел, а тоа е членството во ЕУ. Тоа е одлука која ја потврди парламентот со мнозинство на гласови. Слушнавме се’ и сешто во парламентот, недолични зборови од страна на опозицијата, но сепак мнозинството граѓани претставени преку пратениците во парламентот ја донесоа одлуката благодарение на која денес ја имаме првата меѓувладина конференција, а потоа целиот тим од нашата Влада ќе го почне скрининг процесот”, додаде Ковачевски.

Тој денеска во Брисел е придружуван од поголем дел од министрите во владата, нивните заменици и дел од вицепремиерите. Скринингот почнува во 16.30 за кога се најавени излагања на Вархеи, на албанската министерка за Европа, Олта Џачка и вицепремиерот за евроинтеграции, Бојан Маричиќ.

Меѓувладината конференција следува по усвојувањето на францускиот предлог во македонското собрание.