(видео) За Фон дер Лајен историски ден, за Ковачевски надеж за почеток на најбрзата ЕУ интеграција – ММС
ММС

Објавено на: 07/19/22 9:47 AM

(видео) За Фон дер Лајен историски ден, за Ковачевски надеж за почеток на најбрзата ЕУ интеграција

Каков историски ден! Со оваа реченица претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен го започна обраќањето во Брисел пред почетокот на Првата меѓувладина конференција со Македонија и Албанија. Во заедничката изјава со премиерите на Македонија и Албанија, Ковачевски и Рама и претседавачот со ЕУ, чешкиот премиер Фиала, Фон дер Лајен се осврна на следните чекори со отворањето на преговорите со двете земји. Таа наведе дека веднаш по меѓувладината конференција, ќе започне скринингот на ЕУ законите,  и ќе овозможи на граѓаните да се запознаат со правата и обврските на ЕУ. Многу брзо, како што рече, следи втората тема, која е различна за двете земји. За Албанија е цивилниот механизам за заштита од природните катастрофи, додека за Македонија е Фронтекс.

-Македонија набрзо ќе преговара со нас за ФРОНТЕКС. Тоа ќе ја зацврсти нашата соработка за миграцијата. Можете да сметате на мене за да бидете сигурни дека договорот ќе биде преведен на македонски јазик без фусноти. Ќе има зголемени инвестиции, подобрени трговски врски, подобра соработка за енергетиката и транспортот. И ова е она што вашите граѓани го чекаа толку долго и го заслужуваат, рече Фонд дер Лајен.

Потоа се обрати лично до Ковачевски и Рама:

– Покажавте лидерство, стратешко трпение. Особено Еди. Покажавте дека сте вистински пријатели и партнери“, рече претседателката на ЕУ, Урсула Фон дер Лајен.

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски се обрати од македонските граѓани, при што рече дека е огромно  задоволството што по 17 години ги почнуваме преговорите со ЕУ, процес на кој претходеше прифаќање на европскиот предлог преку широк консултативен процес го препознавме како најдобро можно решение кој од повеќе аспекти задржавме црвените линии и дава конечен почеток на преговорите.

-Во него е прецизиран македонскиот јазик без никакво дополнување, објаснување и астерикси. Со тоа се отвораат вратите за нашиот македонски јазик да стане еден од официјалните јазици на ЕУ, што лично го сметам за најважно достигнување и најголем успех, рече Ковачевски.

Обраќајќи се кон челниците на ЕУ, Ковачевски кажа дека очекува позитивен пример за најбрза интеграција во ЕУ, исто како што имавме најбрза интеграција во НАТО. По завршувањето на Првата меѓувладина конференција, за во 11 часот е закажана прес конференција на Ковачевски.