Став на Канал 77 за „неофицијалните“ предлог законски измени за воведување на државни јавни кампањи во медиумите:
Предлог измените на Законот за ААВМУ за организирање на јавни кампањи на државна сметка, што се доставени до пратениците во Собранието се обид за упад во независноста на медиумите преку директна владина интервенција.
Членот 102, кој забранува буџетски пари во медиумите, се предлага да се избрише во законските измени каде се привилегираат петте најголеми телевизии (Канал 5, Сител, Алфа, Телма, Алсат М). Тие добиваат дури 80% од средствата за јавни кампањи, додека сите останати – остатокот од 20%.
Не е познато кој го изработил овој предлог, не е понуден за јавна расправа, ниту стручната јавност го дала своето мислење. Она што е најпарадоксално е што оние на кои се однесува – медиумите и медиските здруженија, не знаат за што се работи, ниту се прашани.
Ова решение што се нуди како своевиден декрет за извршување им налага на медиумите да понудат простор за емитување на јавните реклами, за кои ќе платат државата и општините, кои пак се ДОЛЖНИ да спроведат од една до четири јавни кампањи годишно. Што ќе биде предмет на кампања ќе одлучуваат политичките партии здружено.
На мала врата, преку испазарен договор со политичките партии, непознати автори предлагаат законски измени, кои предвидуваат едноставно поставен систем сфатен како куп пари за брза и лесна заработка на поедини лица и компании. Линеарно финансирање и по автоматизам, само затоа што компаниите се медиуми и директно води кон нивно корумпирање.
Ништо поразлично од времето на Никола Груевски, каде речиси истите медиуми (дел) го уживаа богатото државно финансирање во замена за безрезервната поддршка на власта.
Канал 77 со години се залага за фер однос и почитување на плурализмот и независноста на медиумската сфера. Во изминатите години кога се заговараат медиумските реформи, изработи и презентира институционален модел познат како „Медиумски фонд“. Овој фонд предвидува поддршка на продукција на медиумски содржини со цел зачувување на националната особеност, збогатување на медиумските содржини, поттикнување на истражувачкото новинарство, развој на информативната дејност. Институционалната поставеност на овој модел на Медиумски фонд дава можност за сигурна и стабилна економска основа за новинарите и медиумските работници, кои ќе бидат ангажирани во продукција на квалитетни новинарски и други содржини. Систем каде по пат на јавен повик, транспарентно и компетитивно ќе се изберат идеите, кои ќе се преточат во продукција на содржини во интерес на јавноста, со оглед на тоа дека се работи за јавни буџетски средства.
Нашиот став е дека идните медиумски реформи треба да придонесат за развој на информативната дејност и новинарството, а не простор за богатење на мал број на сопственици на медиуми, кои ќе се испазарат и обединето преку свои решенија, ќе си обезбедат удобна позиција.
Факти за Медиумскиот фонд:
Медиумскиот фонд е наменет за финансирање, поддршка на некомерцијална програма и дела кои се од јавен интерес и малцинските групи. Овој фонд ќе биде финансиски независен преку механизми кои што ќе гарантираат редовен приход на долготраен основ кој ќе му овозможи годишен буџет со мали варијации за планирање и распределба на финансиите по различни категории на корисници. Ќе има механизми за контрола, продукција, дистрибуција на финансиски средства на аудио и аудиовизуелни медиумски содржини и други дела. Јавниот интерес ќе биде дефиниран и ќе биде составен дел од Статутот на Медиумскиот фонд.
Канал 77