Предавникот Ковачевски се стави на мрачната страна на историјата, реагира ВМРО-ДПМНЕ – ММС
ММС

Објавено на: 07/16/22 8:03 PM

Предавникот Ковачевски се стави на мрачната страна на историјата, реагира ВМРО-ДПМНЕ

Предавникот Димитар Ковачевски и антимакедонската СДСМ многу скоро ќе одговараат за велепредавство, вака денеска реагираше ВМРО-ДПМНЕ во однос на прес конференцијата на која се обрати премиерот Димитар Ковачевски по усвојувањето на францускиот предлог.

Според опозицијата, усвоениот предлог е предавство на Македонија и македонскиот народ.

Целосна бугаризација и асимилација на Македонија, ова преставува срам за целата држава. Антимакедонската СДСМ и предавникот Ковачевски наместо на страната на народот кој со денови маршираше и протестираше против овој асимилаторски предлог, се ставија на мрачната страна на историјата, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Антимакедонците од СДСМ со овој штетен предлог кој си го усвоија во владата се откажаа од македонската историја, македонскиот јазик, македонската култура и македонскиот индентитет. Овие антимакедонци се предавници на македонскиот народ, додаваат од опозициската партија.

Информацијата која денес ја изгласаа антимакедонците од СДСМ нема никакво значење, затоа што преговарачката рамката ја условува Владата, а тоа е промена на Уставот на државата со цел вметнување на Бугарите во Уставот. Промена на Уставот на Македонија нема да има, а тоа нема да го дозволат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, се вели во денешното соопштение.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ќе се залагаат за измена на преговарачката рамка, каде што сите спорни делови со кои се асимилира државата и македонскиот народ да бидат избришани и изоставени.

ВМРО-ДПМНЕ е за преговори со ЕУ на рамноправна основа и целосно почитување на европските вредности, уверува опозицијата.