Премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање за негласањето за заклучоците од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, рече дека ако тие решиле да се изолираат како партија, тоа не значи дека треба да ја изолираат и државата и граѓаните.
,,Не може ако некој решил себе си да се изолира, ако решил да ја изолира својата партија, ако решил преку нотарски изјави да ги изолира своите пратеници тоа да го прави на сите граѓани на државата и на целата држава и неа да ја изолира, тоа е неприфатливо, тоа е ретроградно и тоа треба да биде надминато”, рече Ковачевски.
Премиерот изјави дека се надевал оти ВМРО–ДПМНЕ конечно ќе биде, како што рече, партија која што ќе се реформира која што ќе стане вистинска партија членка по урнекот на други напредни политички партии, членки на народните партии во Европа.
,,Меѓутоа гледаме дека таа политичка партија ниту милиметар не е променета во однос на она што ги имавме под водство на нивниот претходен претседател. Во тоа време нивните пратеници потпишуваа меници, а сега потпишуваат нотарски изјави. Пратениците според Устав се независни во своето одлучување во Собранието, тие таму не претставуваат политичка партија или пак претседател на политичка партија кој што им бара нотарски изјави и мафта со нив по прес-конференции, тие таму ги претставуваат граѓаните кои што ги избрале”, рече Ковачевски.