Милан Ѓуриќ (58) од Белград, кој почина на 9 јули, три месеци откако на 24-ти март отишол во „Баланс медикал“ да му го наместат „атласот“, беше погребан во петокот.
Додека Милан лежел умирајќи во вештачка кома, неговиот татко починал. Тој бил погребан пред 20 дена во Белград.
-Кога претходно почина таткото на Милан, докторот рече дека тоа воопшто не му го кажуваат. Ниту татко му не знаел што се случува со синот, колку е лошо, знаел само дека е повреден… – изјавила за српски „Блиц“ Зорица Цакиќ, сосетка.
И не се чинело дека судбината ќе биде толку сурова кон семејството Ѓуриќ. Милан имал големи планови.
Соседката Зорица долго време го терала да стане управител на зградата, но тој се предомислил. Конечно одлучил тој ден кога и решил да отиде кај киропрактичар на лекување. Тоа бил нивниот последен разговор.
Во деновите што следеле Зорица му се јавувала на Милан на телефон, но одговор немало.
– Му се јавував со денови, се јавував и на мајка му, но никој не ми се јави. Еден ден на врата ми дојде Бранка, мајка му и ми рече: „За џабе ѕвониш Зорице, повеќе нема да ти се јави“ – вели Зорица Цакиќ.
Зорица тврди дека Милан неодамна имал проблеми со вратот, а болката решил да ја реши поради – љубов.
– Се жалеше на вратот и се забележуваше дека благо ја витка главата на едната страна. Тоа му правеше проблем, затоа размислуваше кај кого да оди. Го советував да не оди, да не го прави тоа, го потсетив дека моите ќерки се упатени во овие работи и дека секогаш велеа дека не е шега, дека е опасно… Мислам дека се предомисли да оди оти се заљубил . Мислам дека љубовта кон една жена го натера да донесе одлука – вели Зорица Цакиќ.
Во меѓувреме се огласи и д-р Славиша Ѓурѓевиќ, кој како вработен во Центарот за алтернативна медицина „Баланс медика“, јавно беше посочен како одговорен за смртта на Милан Ѓуриќ.
– Не ја направив интервенцијата на атласот на Милан Ѓуриќ. Без разлика, јас сум вон себе поради медиумскиот линч на кој со денови сум неоправдано изложен – изјави Ѓурѓевиќ за „Новости“.
Ѓуриќ наводно имал третман за местење на првиот рбетен пршлен, атласот, за кој е задолжен професорот Ѓурѓевиќ во оваа приватна установа. Подоцна беше утврдено дека Центарот во кој се применуваат алтернативни методи на медицина нема дозвола за работа од Министерството за здравство.
По операцијата, Ѓуриќ во состојба на парализа бил префрлен во Институтот за ортопедија, каде му била констатирана скршеница на атласот и бил ставен во вештачка кома.
Фото: bezboli.hr