Одбивањето на францускиот предлог ќе нѐ оддалечи од ЕУ и пак ќе останеме сами, вели проф. д-р Дујовски – ММС
ММС

Објавено на: 07/15/22 11:45 AM

Одбивањето на францускиот предлог ќе нѐ оддалечи од ЕУ и пак ќе останеме сами, вели проф. д-р Дујовски

Членството во НАТО нам ни ја осигура безбедноста, сега во овој  конфликт помеѓу Русија и Украина ние сме многу поспокојни и како служби и како држава, затоа што разменуваме добри и квалитетни информации – изјави денеска деканот на Факултетот за безбедност,  проф. д-р Никола Дујовски.

Според него, нема никаков проблем во однос на напредокот на државата кон европските интеграции.

„Членството во Европската унија може само да ја зајакне безбедносната состојба, но одбивањето на предлогот ќе значи ретроградни процеси кои може да нѐ оддалечат и повторно да нѐ остават сами. Во таа ситуација членството во НАТО може да помогне, но сигурно нема да ја гарантира безбедноста на начин како што тоа ќе биде со полноправното членство на нашата држава во ЕУ“, истакна Дујовски.

Тој оцени дека членството во ЕУ е нашата прва стратешка цел и како што вели, факт е дека државата многу тешко се движи во тој процес, факт е дека за нас постојат и други услови, меѓутоа тоа е реалноста и нема бегање назад.

„Ние мора да изнаоѓаме начини и тоа е целта на политичките лидери, да најдат начини како државата да стане членка на ЕУ со сите предизвици кои ги имаме на тој пат, а верувајте ми дека сѐ уште не сме ни започнале со сериозните предизвици“, додаде Дујовски.

 

(В. Ми)