Поранешниот премиер, Никола Груевски не е повикан да сведочи на судењето за таканачечениот крвав четврток, бидејќи тој не бил во земјата кога се случи насилниот протест во Парламентот. Ова објаснување го даде обвинителката Вилма Рускоска, на паузата на денешното рочиште за овој предмет во Кривичниот суд. Таа изјави дека се надева оти ќе има постапка за нарачателите на овој случај, додавајќи дека предметот е во предистражна постапка.
Иако рочиштата за овој предмет траат и по повеќе од осум часа, обвинителката оценува дека таквата динамика е добра, со оглед на обемноста на предметот.
„Го следите судењето и знаете дека има и долги и големи паузи. Сметам дека со ништо не е нарушено правото на одбрана на обвинетите. Напротив, бидејќи сите до еден се изјаснија дека не се виновни, сметам дека е во нивни интерес што побрзо да заврши постапката, како би можеле евентуално да бидат ослободени“, смета Рускоска.
Сепак, Коалицијата „Сите за правично судење“ денеска преку писмено соопштение повторно изрази загриженост за динамиката со која се одвиваат рочиштата за главна расправа во рамките на предметот за 27-ми април.
Коалицијата се повикува на членот 6 од Европската конвенција за човекови права, поточно на начелото на судење во разумен рок, кој е релативен согласно големината на доказниот материјал и инволвираните лица. Овој рок не подразбира судењата само да се одвиваат со голем интензитет и брзина на постапката, туку предвидува разумно време кое би било доволно брзо, но и доволно долго со цел да се овозможи адекватна подготовка на сите учесници во постапката – наведуваат од организацијата.
Оттаму ги повикуваат судечкиот совет на предметот, претседателот на Основен суд Скопје 1, Врховниот суд и Судскиот совет на РМ да направат обиди за воедначување на судската пракса, како и да посветат внимание на менаџирањето и организацијата на судските процеси кои се одвиваат во судовите, со цел да се овозможи почитување на начелата за фер и правично судење, еднаквоста пред законите и предвидливоста на процесите.