Од понеделник во седум часот ќе бидат ставени во функција наплатните рампи Преод и Кадрифаково на автопатот Миладиновци-Свети Николе-Штип и обратно. На наплатните станици целосно функционира Електронскиот систем за наплата на патарина.
– Посочуваме дека првите две ленти од десно се за возилата кои користат М-таг електронски уред со кој се поминува со намалување и успорување на брзината на движење на возилото и без запирање, додека на останатите ленти покрај наплата во готово, може да се употреби и М-смарт картичката како електронски уред за наплата на патарина, информира денеска Јавното претпријатие за државни патишта.
Наплатните станици Преод и Кадрифаково имаат по седум наплатни кабини.
Во февруари годинава, надлежните најавија дека овие патарини ќе бидат готови до крајот на март и информираа дека на патарината Преод ќе се плаќа по 50 денари, а на Кадрифаково 70.