Почитуван македонски народе, не се бара правдина за себе со чин во кој на друго битие му создавате болка, траума, невиден стрес и го лишувате од сѐ што е за него природно – реагираше денеска здружението за заштита на животните Анима мунди, откако беше употребена мисирка на протестите во Скопје против францускиот предлог.
-Мисирката е, исто како и човекот, чувствително и свесно битие, способно за емоции и наспроти општото убедување, мисирката е интелигентно животно кое во случајов никому ништо не му згрешила – велат од Анима мунди.
Од здружението потенцираат дека го поддржуваат правото на протест и веруваат во силата на народот, но мачење на животни никогаш не било ниту ќе биде досетливо, креативно – човечно – и како што додаваат, најостро го осудуваат.
Приморување на животно да биде меѓу таква толпа народ, со врзани екстремитети, кубено, тегнето, обезличено како да е предмет а не жива душа, е најодвратен облик на мачење на животно. Бараме од организаторите и сите присутни да не бидат инертни пред стравот на ниту едно живо битие и да се оневозможи злоупотреба на животни за какви било цели! Бараме јасна и недвосмислена осуда на чинот и никако да не се повтори! Бараме птицата итно да се ослободи во нејзината природна средина, или да ни се предаде ако за другото не постои алтернатива – порачуваат од Анима мунди.