Шести ден продолжува потрагата по 31-годишниот Мартин Јовановски, во која, како што најавуваат грчките медиуми се вклучени повеќе пловни објекти на Грчката крајбрежна стража, хеликоптер, како и копнено возило и локални волонтери од локалното население. Повикани се и сите кои имаат сопствени дронови и можат да се вклучат во потрагата по Мартин, кој изминатата сабота исчезна во водите до плажата Мити на Халкидики.
Според voria.gr, братот на Мартин, Горан Јовановски, утре наутро ќе дојде со лет од САД до аеродромот „Македонија“ во Солун, од каде што ќе го земе шефот на волонтерските спасувачи на OFKATH , Христос Рамос, и тие ќе заминат за Халдики.
Рамос, ги пренесува зборовите на братот на Мартин, кој ги замолил да се подготват за голема операција за да го лоцираат исчезнатиот брат.
-Неговиот брат ми рече дека ќе ги помести небото и земјата за да го најде својот брат, мобилизирајќи се што му треба. Не’ извести да бидеме спремни на се’ и може повторно да крене авион, како што беше направено вчера“, забележува шефот на волонтерски спасувачи.
„Ќе направам се и по секоја цена да го најдам мојот брат“, му рекол братот на Мартин на шефот на спасувачите Рамос.
Грчкиот медиум ја пренесува информацијата на Рамос, според кој, дека психолошката состојба на мајката на исчезнатиот Мартин е доста тешка.
-Се надеваме дека со доаѓањето на другиот син таа ќе може малку да се смири. Таа е сама жена во нашата земја, која не го ни зборува локалниот јазик. Дури и некои нејзини роднини кои дојдоа од Северна Македонија си заминаа и таа остана сосема сама, само со нас“, додава тој.
Во меѓувреме во Македонија продолжува собирната акција за обезбедување средства за продолжување на спасувачките напори во Грција. Отворени се сметки за донации, а синоќа во Скопје беа поставени кутии за донации.
Мартин Јовановски и двајцата негови другари Васил и Иван во саботата влегоа во разбрануваното Егејско море во Посиди, Халкидики. Васил и Иван се спасија и веќе се дома, додека по Мартин се’ уште се трага, со надеж дека успеал да стигне до копното.