Обвинители, лекари, јавни службеници, судии, универзитетски професори се само дел од професиите или функциите кои биле подминтувани во 2017 година покажува анализата спроведена од страна на Факултетот за безбедност во Скопје.
„За степеност на корумпираност низ перцепциите на граѓаните кого сметаат најкорумпиран, ќе видите дека таа се лоцира во оние кои што по устав и закон се најнадлежни да обезбедат владеење на правото. Судот е еден од нив но не и исклучивиот, неговата положба и задача може да се најде само во тој контекст“, изјави еден од авторите на анализата професор Цане Мојаноски, додавајќи дека во анализата се обидуваат да укажат на група индикатори кои пак тие покажуваат дека централен проблем во земјата е всушност високата корупција.
„Ние имаме спроведено истражување во мај и јуни месец оваа 2018 година, скоро 50% од испитаниците рекле дека имаат искуство дека дале мито, од 800 испитаници. Ако погледнете каква е структурата по оценката за кој е најкорумпиран во земјата, ќе видите дека на прво место ви се политичарите од власта, извршната власт, судовите, законодавната, управната власт и итн.“, додава професор Цане Мојаноски.
„Во истражувањето може да се види дека граѓаните потенцираат, дека евроатлантските интеграции и интеграциите во ЕУ и НАТО е едно од решенниејата за спречување на корупцијата“, вели министерката за правда Рената Дескоска.
„Специјалното јавно обвинителство со својата улога не само во борбата за корупција, но секако и во кревањето на свеста, ќе видите дека еден од одговорите на граѓаните е практично и запознавање на јавноста со случаи кои што вклучуваат корупција кои се процесуираат пред надлежните органи. Ќе видите делот кој што го опфаќа опфатот на лица кои што ќе поднесуваат изјави за имотна состојба со новиот закон е зголемен. Што одговара и на она што граѓаните го перципираат како проблем во одредени институции. Евентуални ризици за корупција кои се присутни како детектиран проблем во законот се не само во највисоките ешалони туку и подули и затоа го прошируваме кругот на она што значи лица кои што ќе бидат мониторинг на новиот закон за спречување на корупција. Мене ми е драго што во овој закон кој што веќе го дебатираме ги имаме како предложени решенија кои што произлегуваат како соодветни решенија од ова истражување“, изјави министерката за правда Рената Дескоска.
Публикацијата „Граѓаните за корупцијата“ која денеска беше промовирана од страна на Факултетот за безбедност, обединува пет години теренски истражувања и ставови на граѓаните за корупцијата.