Иако измина редовно предвидениот рок за потрага и спасување, денеска на Халкидики продолжи потрагата по исчезнатиот Мартин Јовановски.
По него се трага со еден патролен чамец на Крајбрежната служба на Грција и со учество на спасувачки тимови и волонтери. Од исчезнатиот Македонец веќе пет дена нема ни трага ни глас, а иако според праксата на грчката крајбрежна служба, потрагата трае до 72 часа, по Мартин сѐ уште се трага, откако шефот на македонската дипломатија Бујар Османи го замоли за ова својот грчки колега Никос Дендиас.
За семејството на исчезнатиот ова се исклучително тешки денови. Братот на Мартин, Горан вчера преку социјалните мрежи упати апел за помош, а денеска се огласи повторно објавувајќи ја последната фотографија од Мартин направена кратко пред да исчезне.
„Ова е сликата направена од денот на исчезнувањето на мојот брат. Потрагата сѐ уште е во тек меѓутоа со многу намален капацитет. Потребна ни е поголема покриеност од воздух, копно и вода. Доколку некој има каква било информација и е во можност на кој било начин да помогне во потрагата по мојот брат, слободно исконтактирајте ме. Ве молам споделете ја фотографијата за волонтерите што помагаат да имаат појасна слика“, наведува Горан во објавата.
Спасувачката акција започна во саботата попладне, кога исчезнаа тројца македонски државјани. Двајца од нив, Васил и Иван набргу беа пронајдени, но од третиот, Мартин се уште нема трага. Тројцата Македонци влегле во морето на плажата Мити во Посиди на првиот крак на Халкидики, а поради лошото време се нашле во беспомошна ситуација и се оддалечиле од брегот.
На Халкидики е и мајката на исчезнатиот, а потрагата ја следи и генералниот конзул во Солун.